Во посета на нашата земја престојуваше Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини која допатува со авион заедно со Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, кој, пак, денеска имаше свое обраќање во Европскиот Парламент, како прв македонски премиер.

На Меѓународниот аеродром-Скопје, Могерини беше пречекана со букет цвеќе.

Веднаш по  слетувањето на скопскиот аеродром, премиерот Заев и Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, во придружба на заменик претседателот на Владата на РМ за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи на РМ, Никола Димитров и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар, ја посетија Старата скопска чаршија.

 

По обиколката и разговорите со граѓаните, двете делегации се задржаа на куса средба во една од чајџилниците на чаршијата.

Во изјавата за медиумите што следуваше потоа, премиерот Заев уште еднаш и посака топло добредојде на Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и истакна дека таа, со оваа посета, уште еднаш ја сподели нејзината силна лична поддршка на нашиот пат кон Европската Унија, и со тоа ги потврди сите наши напори да го оствариме тоа.

„Нивната одлука да ги остават отворени портите на европското семејство за нашата земја беше од пресудно значење за нас, силна мотивација да ја завршиме нашата домашна работа, и пред сè, и над сè – да го решиме спорот со Грција. Сега ние, граѓаните на Република Македонија, треба да покажеме заедништво и одлучност на претстојниот референдум на 30 септември, да донесеме одлука за Договорот, да донесеме одлука за нашата иднина“, рече премиерот Заев во изјавата медиумите.

Претседателот на Владата на РМ Заев нагласи дека оваа посета на Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини не потсетува дека европската идеја е силна инспирација да ги решаваме горливите отворени прашања во регионот, и дека Република Македонија е јасен пример како силната верба во нашата европска иднина може да биде клучниот мотив за постигнување на историскиот договор со Грција, и на тој со Бугарија.

„Ние сме успешна европска приказна и автентичен модел на функционална мулти-етничка демократија. Ние сме сплотени и секојдневно го живееме Европското мото “Обединети во различностите“. Затоа оваа средба ја организиравме овде, во старата чаршија на Скопје, за да ја потврдиме оваа наша европска вредност, со која се гордееме“, потенцираше премиерот Заев во изјавата за медиумите.

Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, во своето обраќање пред медиумите во скопската чаршија истакна дека е многу среќна што токму денес има прилика да биде во главниот град на Република Македонија, кога во Европскиот Парламент премиерот Заев доживеа стоечки овации кога зборуваше за заедничките вредности што ги делат ЕУ и Република Македонија.

Таа додаде дека хоризонтот  сега е многу јасен, и за ЕУ и за Република Македонија зашто делиме иста, заедничка иднина. Таа потсетти дека цела Европа го одобрува решението на спорот со Грција и дека тоа решение е инвестиција и за ЕУ и за Република Македонија, а начинот на кој беше постигнат е инспирација за силата на дипломатијата и дијалогот.

Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини нагласи дека очекува дека на референдумот на 30 септември, граѓаните на нашата земја, заедно со сите лидери ќе ја искористат историската шанса која не смее да се пропушти. Таа потенцираше дека тоа е шанса која не смее да се одмолчи и да не се преземе одговорност.

Своето обраќање Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини го заврши со пораката дека клучот за иднината на земјата е кај граѓаните, и дека тие, на 30 септември, треба да донесат одлука на која ќе се гордеат наредниот ден и сите наредни години.