Фекалии в езеро, дивоградби и УНЕСКО не одат заедно

Камионски гуми, градежен шут, лавабоа, кади и се’ што му се нашло при рака на човечкото суштество, а не му треба, може да се најде во Охридско Езеро.

Нуркачите од Охрид често го чистат езерото од ѓубрето што го прават луѓето.

Пред два дена порталот Вечер објави шокантни фотографии од Ливадиште на кои се гледа како еден човек со својата мини цистерна истура фекалии директно в езеро.

Ова не е првпат да се алармира за уништување на езерото и природата насекаде во држават. Охридско и струшко се буквално девастирани од ѓубре и негрижа.

Секако и од дивоградби.

На ова укажува и УНЕСКО кој повеќе пати предупредува дека може да му се одземе статусот на Охрид како град на УНЕСКО.

Последниот извештај на 123 страници е исклучително остар, негативен и веројатно ќе има реперкусии затоа што ниту државата, ниту градот ниту граѓани не преземаат ништо и не сакаат да ги сменат своите лоши навики.