Филипче: Во болницата во Струга се пријавуваат сомнителни на коронавирус кои присуствувале на литијата

Министерот за здравство Венко Филипче, во отвореното студио на ТВ 24 рече дека има голема веројатност да има заразени од коронавирус кај оние кои присуствуваа на литијата во Струга.

,,Кластерите се познати. Имаме луѓе што доаѓаат во болницата во Струга со белодробен наод кој одговара на Ковид-19, а кои присуствувале на литијата во градот пред некоја недела. Имаме докажани случаи од семејни настани по десетина луѓе“, посочи Филипче.

Тој додаде дека се чекаат резултатите од овие тестирања, но потенцира дека еден таков ризичен настан апсолутно е недозволив во време на ваква епидемија.

Филипче истакна дека државата навремено реагирала на почетокот на епидемијата на коронавирусот.

„Сите здравствени работници одлично одговорија на предизвикот, и тие и епидемоиолозите и сите други лекари и медицински сестри од другите одделенија кои по системот на ротација им помагаа на колегите“ – рече Филипче.

Министерот потенцираше дека ова е фаза од епидемиолошката крива со која се соочуваат сите земји. Ситуацијата стивнува и е под контрола, затоа што се воведоа рестриктивни мерки.