Филипче ги убедувал трите медицински сестри од Инфективна клиника што дадоа отказ да продолжат да работат таму

По веста дека три медицински сестри од Инфективна клиника си дале отказ на своите работни места поради непочитување, министерот за здравство, Венко Филипче утрината оствари средба со нив:

,,Утрово се сретнав со колешките Зорица, Силвана и Дивна, медицински сестри од Инфективната Клиника. Тие изминативе седум месеци се на првата линија во борбата со пандемијата. За нивната посветеност и неуморна работа им изразив огромна благодарност. Кога се работи во такви тешки услови со многу стрес и замор, разбирливо е да дојде до потреба за промена за што целосно ги разбирам.

Сепак, утрово ги поканив на разговор и разговаравме да останат на Клиниката каде нивната работа неизмерно се вреднува. Се договоривме после заслужениот одмор кој го земаа повторно да разговараме и да најдеме начин да продолжиме заедно во битката со Ковид на Инфективната Клиника. Секој човек во здравството е важен и ќе направам се за да ги мотивирам здравствените работници“-објави Филипче на социјалните мрежи и постираше зедничка фотографија.

Инаку, отказите на главната медицинска сестра и уште две други сестри   од Инфективната клиника, вчера на Фејсбук ги објави докторот Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

 Откази дадоа главната сестра Зорица Љубичиќ Митиќ и двете мед. сестри, Силвана Рогиќ и Дивна Бојческа.