Лекарските тимови кои ги изведоа сложените операции на трансплантација на срцето и бубрезите на тројца пациенти, донирани по смртта на Емилија Динева од Стар Дојран, се задоволни од направеното изминатите 24 часа. Уште повеќе што е направен револуционерен исчекор во македонското здравство.

,,Ден полн со емоции за сите. За семејството Диневи кое пред неколку дена ја загуби својата сакана мајка и сопруга, Емилија Динева, за семејството Огненовски чиј татко и сопруг доби втора шанса.
Откако на Емилија Динева и беше дијагностицирана мозочната смрт, нејзините најблиски одлучија да ги донираат нејзиното срце и бубрези. Сега срцето на Емилија Динева чука во градите на Иван Огненовски, а нејзините бубрези спасија живот на двајца пациенти кои со години беа на дијализа“-вели министерот за здравство, Венко Филипче, на крајот на овој историски дена за македонското здравство.

Тој уште еднаш им се заблагодари на врвните кардиохирурзи, но и на тимот лекари кои ги изведоа двете трансплантации на бубрезите.


,,Благодарение на тројцата врвни каридохирурзи Проф. д-р Сашко Јовев од Државна Кардиохирургија,

д-р Жан Митрев од клиниката “Жан Митрев”,

Проф. д-р Александар Николиќ од клиниката “Аџибадем Систина”,

и д-р Маја Мојсова Мијовска од КАРИЛ,

направена е правата успешна трансплантација на срце во нашата земја“-рече Филипче.


,,Бескрајно сум благодарен и горд на моите колеги за нивниот успех, на семејството на Емилија за нивната големина, човечност и хуманост и на семејството Огненовски на довербата кон македонското здравство и нашите лекари!“-изјави министерот.