Филипче: Директоре Зибери, изнесувате невистини и ја поткопувате работата на Комисијата

Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека ќе го разреши директорот на Центар за јавно здравје Скопје, Арбен Зибери по неговиот пост на Фејсбук дека „границите се отвораат за да може да дојдат иселениците и да гласаат за премиер Албанец“.

Ова за Филипче е „лоша и евтина предизборна реторика“ и по консултации со правници, најави негово можно разрешување уште во текот на денот.

Тој му упати порака и преку социјалните мрежи:

,,Директоре Зибери,

Tоа што сте во изборна кампања не ви дава за право да изнесувате невистини и да ја поткопувате работата и одлуките на Комисијата за заразни болести. Четири месеци градиме доверба и работиме транспарентно. Во ниеден момент не донесовме политички мотивирани одлуки и ова вие добро го знаете. Вашата изјава е неточна, штетна и пред сѐ неколегијална, што исклучително ме загрижува. Моја должност како министер меѓу другото е да го штитам угледот на колегите од комисијата и нивните стручни одлуки. Верувам дека разбирате каква штета нанесувате во овие чувствителни моменти кога заеднички се бориме за иста цел. Го ценам придонесот на сите кои се борат со епидемијата, вклучително и вашиот, но нема да дозволам политичко поентирање на сметка на епидемијата“-напиша Филипче.

Зибери не остана должен и одговори дека има право на политички став уште повеќе што е кандидат за пратеник од ДУИ.

ДУИ исто така испрати порака до Филипче и побара да,,не го негира правото на политички став поради изборни калкулации“.