Филипче: Ќе мора да се научиме да живееме со вирусот, задолжително носење маски, одржување дистанца и често миење раце

Министерот за здравство, Венко Филипче, упати апел да се почитуваат сите превентивни мерки: да се носат маски, да се одржува физичката дистанца, да се мијат и дезинфицираат рацете.

„Сите сме одговорни за нашето здравје. Со тоа го штитиме и здравјето на нашите најблиски, а со тоа и колективното здравје. Само со придржување на превентивните мерки, ќе ставиме крај на ширење на вирусот“, изјави Филипче.

Министерот Филипче на прес-конференцијата истакна дека се навршуваат точно три месеци откако се дијагностицираше првиот случај со коронавирус во земјата кај пациентка којашто дојде од Италија.

„Сега после три месеци ние сме на некој начин на една раскрсница. Дали да продолжиме постепено да го враќаме животот во нормала, да се отвораат и угостителските објекти, бизнисите, постепено и границите, а притоа граѓаните да ги почитуваат сите мерки кои се пропишани од страна на Комисијата за заразни болести, или пак, доколку тие мерки не се почитуваат, оваа агонија со вирусот да продолжи и понатаму, а таму некаде после неколку месеци повторно да бидеме соочени со еден предизвик да воведуваме рестриктивни мерки. Ние практично три месеци интензивно работиме и се справуваме со коронавирусот во нашата земја. Неколку пати кажавме дека првата битка е добиена, но борбата се уште трае и ќе трае“, рече министерот Филипче.

Тој потенцираше дека факт е дека вирусот нема да замине. Ќе биде тука и ќе мораме да научиме да живееме со него, што впрочем го прават во сите земји во светот. Филипче посочи дека ослободувањето и попуштањето на рестриктивните мерки оди заедно во пакет со т.н. меки мерки: задолжително носење на маска, задолжително одржување на физичка дистанца и често миење и дезинфекција на рацете.

„Огромен број на граѓани покажуваат свест, се придржуваат на мерките, но за жал добар дел од граѓаните тоа не го прават и дури некои не ни веруваат во постоењето на вирусот. Денеска имаше повеќе наслови, повеќе текстови во медиумите. Дел од нив укажуваа на тоа дека овие мерки, кои сега Комисијата ги предлага се резултат на парамедицина. Сакам да кажам дека тоа не е точно. Сите досегашни мерки се носеа врз основа на науката и бројките. Со мерките продолжуваме и понатаму. И тоа е клучот со којшто постепено го враќаме во нормала. Во изминатиот период имавме доволно време и да го зацврстиме здравствениот систем: да се купи доволно опрема, да се купат доволно заштитни материјали, да стекнат искуство лекарите и медицинските сестри, сите коишто работат со пациентите за болест за којашто никој претходно во светот немал искуство. Не знаевме каква ќе биде манифестацијата, не знаевме на кој начин да се очекува текот на болеста. Меѓутоа, сега навистина се стекна искуство и знаење. Сето ова е во насока на по што квалитетен третман на пациентите. Целосно сме подготвени да се носиме со ситуацијата. Во овој момент, епидемијата исто како и досега е целосно под контрола. Сега имаме и многу добри страни од претходно силните карантински мерки, тоа што не работат школите, градинките и тоа што се затворени границите“, изјави министерот Филипче и додаде дека огромен дел во борбата со вирусот сега, како и досега паѓа на граѓаните. На нивната свест.