Министерот за култура , Роберт Алаѓозовски на 28 јули 2017 година формираше Работна група за изработка на Анализа за реализацијата и последиците од т.н. “Проект Скопје 2014”, во состав проф. д-р Мирослав Грчев, редовен професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ (координатор), м-р Никола Наумоски, политиколог и комуниколог, Мартин Пановски, дипломиран инженер – архитект, доц. д-р. Донка Барџиева – Трајковска, историчар на уметност и конзерватор и Златко Теодосиевски, ликовен критичар и советник -куратор.

Работната група има  задача да подготви Анализа на реализацијата на досегашните активности од т.н. “Проект Скопје 2014”, во која ќе изврши евалуација на сите аспекти од проектот во надлежност на Министерството за култура и ќе даде предлог за можни решенија и мерки за реализација на активности во наредниот период.

На првиот состанок, членовите на Работната група констатираа дека најнапред ќе биде потребно да извршат инвентаризација(попис) на сите објекти од т.н. “Проект Скопје 2014”, која ќе биде составен дел од Анализата. Членовите, исто така, констатираа дека ќе биде потребно формирање на специјализирани подгрупи, составени од докажани професионалци од повеќе сфери релевантни за Анализата, а коишто ќе третираат различни аспекти на т.н. “Проект Скопје 2014”-се вели во соопштението на Министерство за култура.