На сите контрасоросоидни медиуми е објавена веста дека е формирано контрасоросодино граѓанско движење, во кое иницијаторите ги повикуваат сите граѓани да се придружат во процесот на десороизација на Македонија. Ова не е шега, туку тие се сериозни. Ви го пренесуваме прогласот што е објавен на Република,Курир…и другите кои спаѓаат во овој корпус медиуми:

,,Водени од максимата „Не прашувај што државата направила за тебе туку што ти си направил за државата“, со Иницијативен одбор е формирано граѓанското движење „Стоп операција Сорос“.

Во наредниот период преку ова граѓанско движење ќе се иницира и ќе се даде придонес во процесот на десоросоизацијата во Република Македонија.

Изминатите години, вели еден од основачите Никола Србов, а посебно последните две години, македонскиот народ беше сведок на грубо уривање на институциите на државата, одземање на суверенитетот од рацете на граѓаните на Република Македонија кои се носители на истиот.

-Бевме сведоци на насилие во нашето општество. Гледавме како физички се напаѓаат институции, физички се напаѓаа припадниците на полицијата, беше уништен и запален државен имот, поточно, народната канцеларија на претседателот на државата. Бевме сведоци на напад на нашата држава во кумановската населба „Диво насеље“. Гледаме како се гази врз волјата на мнозинството граѓани на Република Македонија. Сведоци сме како се узурпира целиот граѓански сектор и истиот беше искористен и инструиран во полза на политичка партија што е недозволиво и е надвор од принципите на секакво граѓанско организирање. Фондацијата отворено општество која е под капата на СОРОС стоеше директно зад сите насилни процеси во Република Македонија, со финансии и со кадар. Фондацијата отворено општество создаде монопол во граѓанскиот сектор кој е окупиран и во истиот нема место за организации и движења кои не се согласни со идеологијата на Сорос. Во граѓанскиот сектор беше прегазен плурализмот и завладеа тоталитарно едноумие, рече Србов.

Фондацијата на Сорос која што е активна не само во Македонија, туку и во голем број други држави, има радикална левичарска и тоталитаристичка идеологија. Целта на Фондацијата е да се избришат идентитети, народи и нации и да се создаде едно „отворено општество“ со кое ќе управува некој од надвор. Делува кон неконтролирано пропуштање на мигрантскиот бран од Блискиот Исток кој нѐ очекува наредниот период. Со тоа сериозно ја загрозува безбедноста на Македонија преку своето делување.

Повикани од демократските вредности, плурализмот, правото на слобода на говор и изразување, еднаквоста, правдољубието и љубовта кон нашата држава Република Македонија, тежнееме да бидеме првиот зрак од кој ќе произлезат вистинските вредности во граѓанското општество. Ги повикуваме сите слободоумни и правдољубиви граѓани, без разлика на нивната етничка припадност, вера, пол или политичко убедување, но со јасно изразени демократски вредности, да ни се приклучат во борбата против едноумието во граѓанскиот сектор осмислено и предводено од Џорџ Сорос. Водени од максимата „не прашувај што државата направила за тебе туку што ти си направил за државата“, се собравме во Иницијативен одбор за формирање на граѓанското движење „Стоп Операција Сорос“ преку кое во наредниот период ќе го иницираме и ќе дадеме придонес во процесот на десоросоизацијата во Република Македонија, порача Србов.

Изминативе две години имаше значително поклопување не само на граѓанскиот сектор со оваа огранизација туку и во голема мерка и координирањето на активностите на овој сектор беа во сооднос со една политичка партија, партијата СДСМ, но и со претставници на дипломатски претставништва во Македонија, при што во јавноста доби слика дека странски држави чии претставници во Македонија би требало да настапуваат еднакво и рамноправно со сите партии и би требало да бидат набљудувачи на политичките процеси, станаа активни учесници во нив. Се доби слика во јавноста дека тие имаат свои фаворити, застапуваат една страна наспроти друга. Ова е неприфатливо и во голема мера влијаеше да се појави чувство во јавноста дека се нарушуваат традиционалните партнерски односи со некои странски држави и Македонија и дека тие се нарушуваат, вели новинарот Цветин Чилиманов, кој исто така е еден од основачите.

Појасни дека ова на долг рок е штетно за македонските односи со значајни меѓународни организации и држави кои што си дозволија на ваков начин да влијаат во Македонија.

Ние сме свесни со каква структура на моќ имаме работа, но исто така сме уверени дека во Македонија има многу родољубиви патриоти кои се спремни да застанат во одбрана на својата татковина. Дали ќе успееме во намерите или нема да успееме, нема да зависи само од нас туку ќе зависи од одѕивот и масовноста на граѓаните и искрено се надевам дека ќе имаме успех во нашето понатамошно дејствување, рече Ненад Мирчевски.

Инаку граѓанското движење „Стоп операција Сорос“ најпрво ќе започне со работа преку отворање на прашања и давање на одговори за начинот на кој што делува Сорос во Македонија, а сите граѓани кои што сакаат да се приклучат ќе ја имаат таа можност преку активностите кои што ќе се случуваат во иднина,,.