ФРОДЕМ:Најголем непријател на ВМРО ДПМНЕ му е криминализираното раководство

ФРОДЕМ се обраќа до членството на ВМРО ДПМНЕ да не потпаѓа под директивите и налозите на криминалната структура и да бие туѓи битки. Време е да се понесе одговорност за стореното зло. Членството не смее да дозволи ВМРО ДПМНЕ да се става во заложништво, а уште помалку нашата држава Република Македонија-се вели во соопштението.

ФРОДЕМ e згрозен од свесно изнасиленото форсирање победнички дух и глумење наводна непопустливост на врхушката на ДПМНЕ, кое е исклучиво во функција на пазарот за личен спас-се вели во денешното соопштение.

Според оваа организација која бара реформи во ВМРО ДПМНЕ, целта на раководството на партијата е да се  пазарат за да се спасат неколкумина најблиски, а другите да се ,,пуштат“ низ вода. Со случувањата во Собранието на Р. Македонја на 27 април оваа година, падна маските на криминалните структури, лажните моралисти и квази патриоти. По којзнае кој пат се виде дека се работи за такви патриоти на кои најбитна им е удобната фотеља и полното банкарското конто. Вистинските патриоти и чесни членови служат само за еднократна употреба. Заради личен спас Груевски и неколкумината негови слепи послушници, со нозе во кал до коленици, одбраа тактиката на негирање на реалноста, глумење патриотизам и јавно ,,силување” на граѓаните на Р. Македонија.

ВМРО ДПМНЕ нема надворешни непријатели. Непријателите на партијата, граѓаните и на државата се во редовите на партиското криминализирано раководство. Срамно и жално е сопствените граѓани да се манипулираат со евтини и провидни игри од страна лидер кој е избран на приватна забава (наводен Конгрес).  Народот нема повеќе да дозволи и понатаму да биде свежо топовско месо за реализација и заштита на туѓи криминални интереси.

Колку побрзо Никола Груевски си замине од политичката сцена и лидерската позиција на ДПМНЕ, толку подобро за ВМРО ДПМНЕ. Тодоровци, милошовци, поповци, ѓорчевци и други искомпромитирани личности кои учествувале во обезличувањето на партијата и кои заради сопствени лични интереси измеќаруваа на фамилијата се само дополнителен баласт за партијата, државата и нашата иднина. Нивната вина е иста како и вината на нивниот вожд-се вели во ова соопштение.