Хаити, Јамајка и Куба стравуваат од ураганот Метју

Во Хаити почна евакуација на жители од загрозените подрачја во пресрет на ураганот Метју, еден од најсилните во Атлантикот.

Метеоролозите проценуваат дека ветрот ќе достигне брзини и до 240 километри на час. Ветровите, наводно, ослабеле, но и понатаму можат да предизвикаат хаос во делови на Карибите.

Жителите на Хаити собираат количини вода и храна, а надлежните повикуваат подготовките да се направат пред да биде доцна.

Прогнозите се дека количините дожд можат да предизвикаат катастрофални поплави.
Силните ветрови можат да ги загрозат главните туристички области на Јамајка.

Најсилниот ураган во последните девет години ќе ги погоди Јамајка и Хаити во понеделник, а Куба во вторник соопшти американскиот Национален центар за урагани.

Поради налетот на ураганот Метју, САД наредија евакуација на повеќе од 700 вработени и нивните семејства од базата во заливот Гвантанамо.

Метју е ставен во категоријата четири, што го прави посилен од ураганот Феликс кој ги погоди Карибите во 2007 година.