Хан бара демократско предавање на власта и исполнување на Пржинскиот договор

Прво демократско предавање на власта, а потоа и спроведување на договорените реформи, порачува европскиот комесар за проширување Јоханес Хан во интервју за Дојче Веле во пресрет на посетата на Скопје планирана за вторник, 21 март. Хан го оценува мешањето на албанскиот премиер Еди Рама како контрапродуктивно и ја обвинува Русија дека „додава масло на огнот“ во нестабилната состојба во регионот.

Хан ги отфрли критиките дека ЕУ го загубила влијанието во однос на земјите од балканскиот регион и особено Македонија.

Во Македонија „75 проценти од граѓаните посакуваат членство во ЕУ. Оттука, тоа е добар совет за политичарите дека треба нешто да направат што ќе му помогне на тој процес. И тоа е мојот лост: ако не направите нешто, нема позитивна препорака. Тие мора да ги исполнат интересите на граѓаните во однос на ЕУ. Оттука доаѓа и нашето влијание“.

Оттука, Хан апелира за „демократско предавање на власта, затоа што и тоа е дел од прифаќањето на земјата. Тоа не го криев ни денеска (во Сараево, 16.03. н.з.): земјата заслужи пофалби со спроведувањето на изборите. Доколку тоа сега го прокоцкаат, тогаш ќе прокоцкаат многу. Но ако тоа сега го спроведат, тогаш ќе го стават европското семејство под притисок и тоа да испорача“.

Тој апелира до македонските политичари да се джат до договореното во Пржино.

„Не треба да мислат дека со изборите и со формирањето на новата влада сега сите проблеми со кои се занимаваме би биле решени. Во таа смисла интересно е и она што Заев  неодамна ни го презентираше. Мислам дека со тоа се променија рамковните услови, но се разбира за тоа не сакам да зборувам однапред“.

 

Мешањето на албанскиот премиер Еди Рама, кој се јави како медијатор меѓу албанските политички партии при составувањето на платформата, Хан го оценува како контрапродуктивно:

„Сите ние кои сме долго во политиката знаеме дека советите од соседството ретко се добро примени. Оттука, тоа е контрапродуктивно. За тоа да се реши, ќе биде потребно време“.

Зголеменото мешање на Русија во македонската политика, Хан го смета за дополнителен прилог во и онака нестабилната атмосфера.

„Тие нѐ лутат, но само толку“, вели Хан во однос на Русија. „Не дека тоа го игнорирам, но и повикувам на поголема самодоверба. Мора да се соочиме со тоа“. Тој признава дека Русија ја влошува целата ситуација.

Извор:DW