По денешната средба со премиерот Зоран Заев, еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, и порача на опозицијата да биде конструктивна.

,,Целта може да се постигне доколку сите одат во ист правец. Затоа ги поттикувам посебно опозициските партии да бидат конструктивно критични за да се постигнат сите договорени рокови и датуми за напредок“, рече Хан.

Одговарајќи на прашање за Законот за употреба на јазиците, кој е во собраниска процедура, Хан и порача на Владата дека не е приоритетен и не е од национален интерес. Владата треба да се фокусира на реформските приоритети кои се услов за преговори со ЕУ.

-Мислам дека ова е разумно барање, но како што кажав и во билатералните разговори денеска, мислам дека властите треба да направат приоритет, да ги определат како приоритетни оние области каде што ќе добијат позитивни оценки. Ако се усвои законот за јазик во следните неколку недели, врз основа на препораките од Венецијанската  комисија тоа е во ред, меѓутоа е важно Владата и другите фактори во земјата да се фокусираат на законите и условите релевантни за добивање позитивна препорака. Законот за јазици не е дел од она што е договорено во овој контекст“, рече Хан.

Тој ја пофали Владата дека постигнала многу изминатиов период во планот за реформи, но дека е важно да се истрча, како што рече, последниот километар.