Хан ја остварува агендата според планираното

На дневен ред на еврокомесарот Јоханес Хан се средбите со политичките лидери потписници на пржинскиот договор.

Средбата со Мендух Тачи заврши. По средбата Тачи рече дека ДПА ќе ги поддржи измените на законите и законите што ги бара СЈО.

Специјалната обвинителка Катица Јанева по средбата кусо одговори дека разговарале за предизвиците со кои се соочува СЈО, но рече дека сите детали Хан ќе ги објави на прес конференцијата во 14 часот.

На првата средба од утрината со премиерот Емил Димитриев разговарале за предизвиците на Македонија со мигрантската криза, Хан побарал владата да ги исполни условите за веродостојни избори.

„Конструктивна и сеопфатна размена на мислења со премиерот Емил Димитриев. Го истакнав исполнувањето на условите за веродостојни избори, реформските приоритети, поддршката на работата на специјалниот обвинител, миграцијата“-Хан на Твитер.

По средбата со Димитриев се виде со претставници на НВО кои побарале поддршка на работата на СЈО.

Али Ахмети излегол задоволен од средбата со Хан и изјави дека на еврокомесарот му рекол дека нема време за барањата на Јанева да се преточат во закони.

До крајот на неговата посета на Скопје остануваат средбите со Никола Груевски – претседател на ВМРО ДПМНЕ и со Зоран Заев лидер на СДСМ.

Овие две средби ќе се остварат во седиштата на политичките партии.

Во 14 часот е предвидена прес конференција на Јоханес Хан во седиштето на Европска комисија во Скопје.

фото-СДК