Хари Костов и Маја Штериева и наредните 6 години членови на УО на Комерцијална банка

Комерцијална Банка АД Скопје, согласно Глава 6 од Правилата за котација, преку соопштение објавено на веб страната на Македонска Берза ја информираше јавноста за следната ценовно чувствителна информација.

Врз основа на член 33 од Правилата за котација на Македонската берза на хартии од вредност, Комерцијална банка АД Скопје објавува дека согласно Одлука на Надзорниот одбор на Банката и издадена согласност од Народната банка на Република Македонија, продолжен е мандатот за период од шест години на постојните членови на Управниот одбор на Банката – Хари Костов, Претседател на Управниот одбор и Д-р Маја Стевкова Штериева, член на Управниот одбор.” – се вели во соопштението.

 

Г-дин Хари Костов од 2004 година започнува да работи во Комерцијална банка АД Скопје како Прв генерален директор, каде од 2008 година ја извршува функцијата Главен извршен директор и е Претседател на Управниот одбор.

 

Г-ѓа Маја Стевкова Штериева своето работно искуство го започнува во Комерцијална банка АД Скопје во 1993 година во Секторот за односи со странство, работејќи како Референт, односно Самостоен референт во Дирекцијата за средства и ликвидност, а подоцна и како Координатор, односно Самостоен координатор во Секторот за деловна политика. Во 2002 година е назначена за Директор на Дирекцијата за управување со ризици, а во 2005 година за Директор на Секторот за управување со ризици и планирање. Од 2008 година ја извршува функцијата Главен финансов директор и е член на Управниот одбор.

Извор: банкарство.мк