Хелбах:Германија очекува Иванов да го даде мандатот и брзо формирање Влада

Потребно е брзо формирање влада посветена на итните реформски приоритети за да може земјата да ја надмине политичката криза и да се врати на евроатлантскиот пат, порача специјалниот ополномошен пратеник на германското МНР за Југоисточна Европа и Турција Кристијан Хелбах, по разговорите во рамки на дводневната посета на Скопје.

Тој изрази уверување дека Претседателот на државата Ѓорге Иванов ќе дозволи парламентарното мнозинство да формира влада.

 

„Убедени сме дека Претседателот ќе покаже мудрост и ќе ги почитува резултатите од неодамнешните избори и ќе му дозволи на мнозинството во Парламентот да формира Влада што е можно поскоро. Парламентот мора да биде способен по оваа долготрајна криза да ја преземе својата работа со цел да се посвети на итните прашања пред кои е исправена земјата“, рече германскиот дипломат.

Хелбах истакна дека неговата посета на Македонија е заради изразената германска посветеност на иднината на земјата и ја реафирмираше поддршката за евроатлантскиот пат, како што рече, во согласност со претходните изјави на еврокомесарот Јоханес Хан  и на високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.