Хелсиншки комитет бара одговорност на полицаецот што тепа Ром

Видео снимката на полициска бруталност врз припадник на ромската заедница, која денеска се прошири на социјалните мрежи и медиумите покажува дека непрофесионалниот однос, полициската бруталност и самоволието при постапувањето кон Ромите и другите категории сиромашни и маргинализирани граѓани продолжува да биде честа практика на полицијата.

Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува ваквото однесување на полициските службеници и за ова ќе поднесе претставка до специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Со претставката ќе побараме да се испитаат сите околности, да се прибават докази и да се покрене постапка пред суд со цел утврдување на кривична одговорност. Дополнително, од Одделението за внатрешна контрола во Министерството за внатрешни работи, ќе побараме најстрога дисциплинска одговорност за инволвираните полицајци и покренување на кривична постпака.

Во оваа прилика изразуваме голема загриженост за зачестеноста на полициската бруталност врз ромската заедница. Инцидентот во Битола се случува само три месеци по  полициската бруталност врз бездомни лица-Роми кои живеат под Железничката станица во Скопје. Ромите во земјава секојдневно се соочуваат со системска дискриминација во речиси сите општествени сфери, со континуирани тешкотии во остварување на правата во сите области, а сето тоа се отсликува и во односот на полицијата кон овие луѓе. Полицијата мора да ги санкционира бруталните припадници во нејзините редови и да се осигура дека граѓаните се чувствуваат заштитено од страна на полициските службеници. Ваквиот третман кон ранливите групи граѓани, кои долги години во изминатиот период беа жртви на полициско насилство, мачење и понижувачки третман, нема да ја врати довербата во полицијата. Напротив, ваквото однесување дополнително придонесува граѓаните да се чувствуваат загрозено и исплашено, се вели во соопштението на Хелсиншки комитет.


МВР соопшти дека во врска со видео материјалот што денеска (24.09.) беше објавен на социјалните мрежи, а на кое се гледа незаконито и непрофесионално постапување на полициски службеници , Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи веќе го утврдил идентитетот на учесниците во настанот и презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот по што јавноста ќе биде соодветно информирана.