Холандија даде поддршка за старт на преговори со ЕУ за Македонија, но не и за Албанија

Холандскиот Парламент гласајќи за резолуцијата за старт на преговори со ЕУ на Македонија и Албанија, направи преседан во однос на другите земји членки и ги раздвои двете земји.

Пратениците дадоа поддршка за преговори на РС Македонија со ЕУ , но не и за Албанија, за која има иницијатива токму од оваа земја да се вратат визите за влез во ЕУ.

Парламентот во Хаг и испраќа порака на холандската влада дека може во Советот на ЕУ да поддржи старт на пристапни преговори со С. Македонија, но не и во пакет со Албанија, објави 360 степени на Алсат телевизија.

Дали ова раздвојување на двете држави од Холандија може да влијае на промена на ставот на Германија, ќе биде појасно по средбата Меркел-Заев во Берлин.

Германската канцеларка инсистира на одлука за С. Македонија и Албанија заедно и затоа сака да ја пролонгира темата за есен. Но, сите сигнали од Хаг се дека мнозинскиот став во холандскиот парламент против отворање преговори со Албанија, деклариран денеска, нема да се смени до октомври. Тоа би можел да биде аргумент за носење одлука само за С. Македонија од Советот на ЕУ во јули, пишува 360 степени.