Холандскиот Парламент гласаше ЗА отворање на преговорите со Македонија

Парламентот на Холандија даде зелено светло за отворање на преговорите за пристапување на Македонија кон ЕУ, јави албанската телевизија Топ Канал.

Но, истовремено пратениците се против отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ за Албанија. Според повеќето холандски пратеници, резултатите на Албанија не се доволни за да се преземе таков чекор.

Пратениците побараа од владата да не гласа за предлогот на Европската комисија за Албанија, велејќи дека оваа земја не ги исполнила условите поставени од Брисел во врска со корупцијата и криминалот.

“Албанија не ги исполни петте приоритети утврдени во извештајот за напредок, бидејќи нема напредок во  правните реформи, борбата против корупцијата или борбата против криминалот. Врз основа на овој напредок, не можеме да ги отвориме преговорите за пристап кон ЕУ. Холандската влада не треба да гласа за Европската комисија за отворање на пристапните преговори “, се вели во предлогот од холандскиот парламент, подготвен од Ван Хелверт, Омцигт, Ен Мулдер и Ван дер Граф, известува Топ канал..

Ова е одлична вест за Македонија, бидејќи на овој начин се деблокира еден од проблемите за конзенсус за добивање на позитивна одлука за отворање на преговорите.

Холандија и Франција беа двете земји кои одбиваа да дадат зелено светло.

Сега, останува уште Франција да омекне до претстојниот Самит на ЕУ, кој ќе се одржи на 25 јуни во Брисел.