Хојт Ји воопшто нема намера да се сретне со Ѓорге Иванов

Високиот американски функционер Брaјан Хојт Ји воопшто нема намера да се сретне со Ѓорге Иванов. Тој ќе разговара со политичките лидери за статусот за формирање влада и реформите за евроатлантска интеграција. Неофицијално  се дознава  дека Ји нема да се сретне со шефот на државата, пишува Дојче веле.

Брајан Хојт Ји, заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија во американскиот Стејт департмент, во понеделник, на 1 Мај, доаѓа во Македонија, потврдија од амбасадата на САД.

„Хојт Ји доаѓа за да се види и разговара со политичките лидери во врска со статусот за формирање на влада, билатералните односи и реформите потребни за евроатлантската интеграција“, велат од амбасадата, без попрецизно наведување на неговите соговорници.

Засега е извесно дека Ји ќе биде во еднодневна посета на Македонија и дека ќе се сретне со лидери на политички партии. Како што неофицијално дознава Дојче веле од партиски извори, високиот американски функционер нема да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов. Овие извори не ги знаат причините за тоа, но претпоставуваат дека се поврзани со претходниот однос на шефот на државата кон добронамерните сугестии од официјални претставници на земји-стратегиски пријатели на Македонија.