Хојт Ји: Прашањето за името не е едноставна работа, но сега има вистинска можност тоа да се реши

 

 

Соединетите Американски Држави го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите од Западен Балкан во рамките на нивните меѓународно признати граници, а тоа треба да го направат и останатите држави. Ова го изјави Хојт Брајан  Ји, заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, за Bloomberg TV Bulgaria.

-Државите мора да го почитуваат суверенитетот на другите држави и не треба да се обидуваат да ги сменат границите. Од 2014 година, кога видовме како Русија упадна во Украина и се обиде да анектира Крим, мислам дека тоа беше аларм за будење за сите нас, дека не треба да земаме здраво за готово дека сите држави го почитуваат овој основен меѓународен принцип. Не сакаме да видиме промени во границите на Западен Балкан, не ја гледаме потребата за тоа, изјави Ји.

Во интервјуто Ји зборува за раздвижувањето на разговорите меѓу Македонија и Грција, кое го оцени како позитивен сигнал до сите земји во регионот.

-Македонија и Грција имаат вистинска можност да постигнат договор за таканареченото прашање за името, што можеби е најдобра опција. Верувам дека постои политичка волја, како во Атина, така и во Скопје, да се постигне договор и да се реши ова прашање еднаш засекогаш. Тоа ќе  бара напорна работа, бидејќи прашањето не е едноставен за  решение. Инаку, ова прашање требаше да биде решено уште пред 25 години, но ако двете држави продолжат да работат, како што работат сега, под раководство на, специјалниот претставник на ОН Метју Нимиц, како посредник, ние веруваме дека тоа е дефинитивно можно , кажа американскиот дипломат.

Понатаму во интервјуто, заменик-помошник државен секретар на САД оценува дека влезот на Црна Гора во НАТО  е важен чекор и сигнал до сите земји од Западен Балкан. Тој посочува  дека ако направат реформите кои се неопходни, ако се преземаат соодветни  и тешки одлуки,  тогаш земјите од регионот ќе можат да се движат напред кон својата цел – интеграција со Западот и Европа.

-Во Македонија гледавме како на земја во длабока политичка криза, која сега излегува преку формирање на влада, која е прореформаторска, прозападна и е за пристапувањето кон Европската унија и НАТО. Мислам дека ова беше уште еден позитивен сигнал до сите земји во регионот, дека ако успеат да најдат решение на разликите во внатрешен план или со соседите, да прифатат реформи и уште еднаш, да ги преземат неопходните  тешки одлуки за да продолжат напред на својот пат кон европската интеграција, тие ќе постигнат напредок. Верувам дека Македонија ќе напредува , вели Ји.

Што се однесува до ратификуваниот договор меѓу Македонија и Бугарија, за Хојт Брајан Ји тоа е документ со кој се потврдува дека земјите имаат лидери и пратеници со искажана политичка волја со ангажман на помирување.

-Ова е многу добар почеток или дури увертира на бугарското претседателство на ЕУ. Покажува дека Бугарија е посветена на тоа да му помага на регионот, не само на зборови. Затоа многу земји зборуваат за важноста на Западен Балкан и важноста да се помага на регионот. Но, има ограничен број држави, кои преземат конкретни чекори, потпишуваат договори и ги исполнуваат овие договори. Го поздравуваме раководството на премиерот Борисов и неговата влада да работи со Македонија, земја која излезе од политичка криза, која се стреми да се да се приклучи на ЕУ и НАТО и конечно да го склучат овој договор, кој е од корист за двете земји, изјави Хојт Брјан Ји во интервјуто за Bloomberg TV Bulgaria.

Линк од интервјуто: http://www.bloombergtv.bg/svetat-e-biznes/2018-01-17/sasht-podkrepya-suvereniteta-i-teritorialnata-tsyalostnost-na-darzhavite-ot-zapadnite-balkani