Хиени

Пред точно 10 години, само неколку месеци откако ВМРО ДПМНЕ победи на парламентарните избори и Груевски стана премиер, МТВ организираше уникатна емисија во која четириесетина новинари и уредници бевме поканети и учествуваме во дебата со сите членови на новата Влада, седнати едни спроти други. Сега, од оваа дистанца, имам чувство дека тоа беше смислен, перфиден трик на Никола, за да види со кого си има работа во медиумите, кој колку ,,тежи” и како со секого ќе постапува во иднина. Барем за мене, тоа беше прво и последно професионално соочување со Никола Груевски откако е на власт. Не прифати ниту едно интервју, дебатна предизборна емисија, разговор , изјава, не само со мене како Одговорен уредник на вестите на Телма до 2014 година, туку и со било кој новинар од редакцијата. Првите години редовно испраќавме покани, а потоа да го запазиме професионалниот ред и усно баравме одговори од портпаролите или директорот на партискиот центар за комуникации, но залудно.

За време на изборните циклуси кога нужно мора да обезбедите подеднаква застапеност, притисокот што го трпевме беше истоштувачки, затоа што од ВМРО едноставно применуваа стратегија на целосно игнорирање. Не одговараа на телефонски повици и пораки, не враќаа одговор на мејловите, ништо. И не само тоа, никогаш не добивавме официјален став или одговор од ниту една институција за било кое прашање. Јасно ни беше дека тоа е смислено сценарио на режимот за наше уништување и како новинари професионалци, но и како медиум, со оглед на одбивањето да се рекламираат како партија за време на последните неколку изборни циклуси и заобиколувањето при делењето на владиниот рекламен колач. Професионалноста, но и авторитетот и кредибилитетот како медиум, а особено како информативна редакција, ги обезбедувавме со вонреден напор, а тоа го знаат сите што работеа во тимот со мене во вестите на Телма. Но, цената на независноста е висока. Затоа, бев вчудовидена кога само еден ден по седнувањето на директорското столче во 2014 година, се уште актуелниот директор и главен уредник на телевизијата, дојде да ми соопшти дека договорил средба со Илија Димовски, тогаш Директор на центарот за комуникации на ДПМНЕ. А уште повеќе, кога се врати и во редакцијата задоволно изјави дека е готово, договорено. Што? Па, остануваме опозициска телевизија. Така рече и тоа пред сведоци. Но, за ова во друга прилика.

Добро би било, еден ден кога МРТВ ќе се демократизира и професионализира, да ја реемитува онаа гломазна дебатна емисија со четириесетината новинари и уредници од сите релевантни електронски и пишани медиуми. Се разбира, ако ја чуваат во архива, ако не, јас ќе им ја позајмам. Добро би било за да се види од кој момент почна уништувањето на македонското новинарство и режимската окупација на медиумите. Да се види, со каков кадар располагаа редакциите и на чии пера, текстови, зборови, на кого сметаа медиумите. И да се направи споредба. Дали тогаш можеше да помисли некој да не одговори на барање за изјава или интервју, да не даде одговор на поставени прашања? Многу јасно му беше на Никола дека со така распоредени професионалци по медиумите, ќе мора да дава отчет пред јавноста за неговата работа. Операцијата ,,Метла” ја спроведе со сопствениците на телевизиите, кои во меѓувреме, милом или силом, станаа негови најревносни подржувачи и послушници, бизнис партнери на владата, влегоа во заедничка тендерска коалиција. Срамно ја предадоа првичната идеја за приватни, независни медиуми, како што стартуваа, и станаа партиски подружници и најголеми виновници за уништување на новинарството, новинарите, вистината и реалноста. Заради сопствените бизнис интереси создадоа одреди послушници, држачи на микрофони, чија главна задача на настаните каде се појавуваше Груевски, беше да постават десетици нарачани прашања, за да ги оневозможат и оние неколумина што беа останале новинари, нешто да прашаат. Сега, нема кој да праша. Груевизмот меѓу ,,новинарите” доби такви размери, што се подготвени да го ,,изедат” оној кој ќе се обиде да постави прашање надвор од претходно договореното со протоколот.

И затоа сега груевци зборуваат за нарачано интервју и прашања со Јанева. Добри, стари, проверени мафијашки трикови. По принципот на – држете го крадецот! Или, ќе го нарачаат убиството и потоа ќе му дојдат на погреб. Едно е соговорникот, кој и да е, па и обвинителката Катица Јанева да побара прашања и да ги подготви одговорите, впрочем има право на тоа и повеќето прават така, а сосема друго она што го применува пропагандата и режимот. Да си нарачаат самите прашања и да одговараат на нив, со читање или не, сеедно. А згора на тоа, и полтронските новинари да запишуваат што кажале, иако ги добиле и прашањата и одговорите.

Бедно е однесувањето на раководството на МРТВ, кои како хиени се нафрлија на својот плен и практично ни покажаа што не чека до изборите. Како да е Јавниот сервис , платен од наши пари, па и на Санта Аргирова на која и наместија гнасна игра, нивна приватна прчија. Нема да и мудрувам дали требала таа да го прави интервјуто со Јанева и што да прави, впрочем никој и не ме прашува. Ад хок политичките решенија за реформи во медиумите, според мое мислење, се погрешни и штетни. Неприфатлива е ниту кадровската структура на привременото тело за броење минути, ниту нивното однесување. И тие треба да бидат разрешени или тој вештачки орган да згасне.

Неприфатливо ми беше и конкурирањето на партиски мејл за уредник. Сега, јас немам рецепт за излез од оваа каша. Но, очекувам, многу бргу, тие што ја направија да излезат и јавно да ни кажат како понатаму.

Емилија Лазаревска