Царовска смета дека е сѐ подготвено за старт на учебната година

Министерката за образование, денеска на неколку настани поврзани со утрешниот старт на новата учебна година порача дека сѐ е подготвено, иако предизвици ќе има.

,,Најважно е сите да соработуваме за да имаме успешна училишна година. Денес, со градоначалничката на Тетово Теута Арифи го посетивме основното училиште „Кирил и Методиј” каде што се направени сите подготовки за настава со физичко присуство од 1-3 одделение и за онлајн настава од далечина“-изјави таа во Тетово.

600 училишта ќе имаат настава и со физичко присуство.

,,Утре официјално започнува новата учебна година, 600 училишта ќе одржуваат настава со физичко присуство, a за останатите достапно учење на далечина, преку онлајн платформата и со емитување на часови на македонски и на албански јазик на националната телевизија. Оваа година ќе биде многу поразлична од другите бидејќи, пандемијата предзвика огромни промени во нашите животи, а образовниот процес за многу кратко време мораше да претрпи целосна трансформација. Огромна благодарност до сите што помогнаа во организацијата за успешен старт и очекувам соработката да продолжи и во периодот што следи“-рече Царовска.

Министерката за образование и наука Мила Царовска денес на прес конференција истакна дека од суштинско значење за образовниот е да не дозволиме да го загрозиме јавното здравје што дополнително може да ја отежне учебната година.

„Деновиве има родители и родителски совети кои најавуваат бојкот на онлајн наставата и бараат настава со физичко присуство. Јас ги разбирам, но мораме сите ние да разбереме дека одлуките кои ги донесе комисијата се во интерес на јавното здравје и заштита на здравјето на сите нас. Ако одлуката која ја донела комисијата е дека нема услови во училиштето за физичка настава, тоа е во интерес токму на заштита на здравјето на децата и родителите. Апелирам до родителите да ја почитуваат таа одлука. Да разберат дека бојкотот не носи никому добро, а одлуката која е донесена не е заради ничија желба или хир, туку заради препорака на здравствените власти која мора да ја почитуваме“, рече Царовска. 

Министерката ги повикува општините, наставниците, родителите и сите учесници во образовниот процес  на соработка, бидејќи заедничката цел на сите е заштитa на  здравјето на децата, а истовремено и овозможување на процесот на учење и на развивање.

„Ова бара труд и напор, но целта е премногу значајна за да не соработуваме или да не си помагаме. Ајде заеднички да ги надминеме почетните предизвици за да што побрзо се прилагодиме и започнеме со учење“, рече Царовска.