ЦИВИЛ бара целосно пребројување на гласовите

Претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода Џабир Дерала, на денешната прес-конференција побара целосно повторно пребројување на гласовите во сите изборни единици и ревизија на неважечките гласачки ливчиња, зашто, според податоците од избирачките места, при броењето на гласовите, за неважечките ливчиња се прогласувани и такви каде што јасно се гледа волјата на гласачите! Освен тоа, ЦИВИЛ бара и прегласување во Избирачките места во кои е забележано сериозно кршење на гласачкото право и изборните процедури, а од ДИК овозможување увид во пребројувањето на гласовите, во ревизијата на неважечките гласачки ливчиња и во избирачкиот материјал – на заинтересираните домашни и странски набљудувачи.

Според Дерала, членовите на Избирачките одбори за кои ќе се утврди дека непрофесионално и неетички ја извршиле задачата или имале конфликт на интереси, да го изгубат правото да бидат бирани на таа позиција во наредниот изборен процес. Исто така, ЦИВИЛ бара  задолжително да се спроведе итна анализа и истрага за работата на ДИК и на нејзините тела, како и итни реформи на оваа институција, во пресрет на локалните избори во 2017 година, а МВР да ја провери процедурата за издавање лични карти во Охрид, на самиот изборен ден и во Прилеп, на ден пред изборите.

На денешната прес-конференција, Дерала ја соопшти и прелиминарната оценка на организацијата за изборниот процес, потенцирајќи дека, за жал, не може да се каже дека се одржаа слободни избори во Република Македонија. Тој ги потенцираше големиот број нерегуларности, катастрофалната состојба на Избирачкиот список, поради што „гласаа“ фантоми и починати лица гласаа, а живи луѓе не можеа да гласаат.