ЦИВИЛ ги повикува „исчезнатите“ граѓани писмено да реагираат до ДИК!

„Граѓаните мора да бидат упорни и писмено да се обраќаат до Државната изборна комисија, односно до подрачните единици на ДИК“, изјави правната експертка на ЦИВИЛ –Центар за слобода, адвокатката Сандра Гавриловска, по повод најновите реакции во јавноста за случаите на „исчезнување“ на гласачи од Избирачкиот список, само неколку денови до предвремените парламентарни избори.

„Граѓаните мора да достават кратко и јасно, писмено известување до ДИК, дека по извршената проверка, а по затворањето на Избирачкиот список, ги нема во списокот! Добро би било граѓаните да испраќаат и до ЦИВИЛ копии од така поднесените дописи-известувања до ДИК, со доказ дека се поднесени. Прво, заради евиденција на сите проблеми кои ги имаат со списокот, но и заради евентуално преземање на натамошни мерки во рамките на активностите на ЦИВИЛ“, смета Гавриловска.

Откако вчера стотици граѓани реагираа поради нефункционирањето на апликацијата за проверка на податоците во Избирачкиот список за граѓаните кои ќе гласаат во избирачките места на територијата на Република Македонија, ЦИВИЛ – Центар за слобода веднаш реагираше дека Избирачкиот список не смее да стане алатка за манипулација со изборниот резултат!

Граѓан(к)и вчера реагираа дека покрај нерешената ситуација со „фантомите“, кои сѐ уште не се избришани од Избирачкиот список, сега наеднаш, и лица кои со години наназад гласале на исто избирачко место и кои и последниот пат кога ја провериле состојбата, пред затворањето на списокот, биле во него, ги нема на списокот!

ЦИВИЛ категорично побара од Државната изборна комисија веднаш да ја расчисти новонастанатата ситуација, и да осмисли методологија – како да им овозможи на онеправданите граѓани кои немаат никаква вина за хаосот во Избирачкиот список, да го остварат своето уставно загарантирано право на глас.

ДИК ја информираше јавноста дека вчера имале „одредени технички проблеми со апликацијата за проверка на податоците во Избирачкиот список за граѓаните кои ќе гласаат во избирачките места на територијата на Република Македонија“, но дека таа е „веќе функционална и достапна“.

„Техничките проблеми немаат никакви последици ниту влијание врз Избирачкиот список, организацијата, како и врз спроведувањето на претстојното гласање за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија“, се вели во соопштението на ДИК.

ЦИВИЛ ги повикува граѓаните да ја искористат активната страница и да го проверат својот статус во Избирачкиот список, со внесување на матичниот број, како и локацијата и бројот на гласачкото место и Општината во која треба да гласаат, зашто со проверка на адресите и досега беа откриени најголем број од „фантомите“.