Ципрас: Непочнување преговори со С.Македонија е слабост и пораз на европските структури

Поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас, кој беше поддржувач и потписник на Договорот од Преспа, ја коментираше негативната одлука на ЕУ за почеток на преговори со С. Македонија.

На социјалните мрежи напиша:

,,Одлуката на Европскиот совет да го отфрли започнувањето на преговорите за членство со Северна Македонија е порака за слабост и пораз на европските структури.

Понекогаш европските вредности се помоќни на Балканот отколку во Брисел. Ние ќе продолжиме да се бориме за иднината и единството на Европа. Му го должиме тоа на нашиот наро“-напиша Ципрас.

Негативниот став на францускиот претседател, предизвика бројни коментари внатре во ЕУ, а на заедничка прес конференција во Брисел Јункер и Туск емотивно порачаа дека е ова историска грешка на Унијата.

,,Да бидеме јасни, Македонија и Албанија не се виновни што не им се одобрени преговорите за полноправно членство во ЕУ. Денеска сакам да испратам јасна порака до нашите пријатели во Македонија и Албанија, ве молам не се откажувајте, ги разбирам вашите фрустрации. Вие ја завршивте својата работа, некои од нас не“, изјави на денешната прес конференција претседателот на европскиот совет Доналд Туск.

Тој рече дека Европската Унија ќе се наврати на проширувањето до мај 2020 година.

Канцеларката Ангела Меркел на прес-конференција рече дека „многу жали” што ЕУ не успеа да постигне консензус .