Црвената ме(н)тална ограда и човекот

(Од македонската менталитетска работилница)

Како да го смениме менталитетот и да станеме поцивилизирани луѓе?

Оваа ограда пред ОУ ,,Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром очигледно е ремет за традиционално невоспитани и некултурни сограѓани и жители на македонската престолнина, ха-ха, колку смешно звучи ова престолнина кога пишуваш за Скопје.

Значи, овде се случуваат траги-комедии.

Вчера, време пладне, гледам девојче некаде на 10 годишна возраст, на грбот ранец, во рацете кеси и нешто за јадење, како се обидува да ја прескокне оградата. Но, поради претовареноста и зафатените раце, таа ја пречекорува оградата и почнува да се ниша напред-назад. Јас се штрекнувам и подготвена да викнам ,,не така“, забрзувам да ја предупредам, но забележувам дека таа со насмевка фиксирано гледа кон паркиран пик-ап од спротивната страна на улицата. Девојчето со тетеравење некако успева да ја прескокне оградата, се затрчува низ прометната улица надвор од пешачки премин и со насмевка влегува во возилото. На возачкото седиште седи маж, најверојатно нејзин родител, кој едноставно само стартира и заминува. Останувам вчудовидена, зборувајќи си самата со себе.

Ако случајно го чита ова родителот, сакам да го прашам, вака ли се воспитуваат деца? Толку.

Девојчето ќе мисли дека е ова нормално, како што мислеше и мајката неодамна која ја забележав на истата ограда како се мачи да ја прескокне, а требаше да направи само два-три чекори и да ја заобиколи. Не пишувам сега овде дека тука не се застанува со возило, тоа е друга приказна…

Внатре ја чекаа нејзините мали дечиња. И тие ќе мислат дека ова е нормално. Ќе мислат дека заштитните огради се поставени да се прескокнуваат, ќе мислат дека пешачките премини немаат функција и дека може да преминуваат улица каде сакаат, но нема да знаат дека сето тоа може да ги чини живот.

Колку една обична метална заштитна ограда може да го открие менталитетот на еден народ? Многу. Замислете овде некој да постави камера и 24 часа да го снима однесувањето на луѓето V.S. оградата.

Има да биде циркус…

AKO.mk Емилија Лазаревска