Црквата што ја организираше литијата во Струга, одговорноста за масовноста и непочитување на мерките ја префрла на народот

Свештенството при храмот ,,Св. Георгиј Победоносец“ , организатор на традиционалната  литија што се одржа вчера во Струга, соопшти дека црквата неколку дена претходно гласно повикала кога објавила за настанот верниците да се придржуваат на мерките дадени од државните власти. Се оградуваат од секаква одговорност и потенцираат дека нема простор за обвинување кон нив.

,,Бидејќи на социјалните мрежи и на одредени интернет гласила се појавија обвинувачки текстови во врска со традиционалната Струшка Еордија – Литија со моштите и чудотворната икона на Свети Георгиј Победоносец, сметаме дека е потребно да дадеме мислење од името на клирот на МПЦ-ОА. Со цел да не згасне оваа древна културна манифестација во Струга, која, патем, е дел од значајното културно наследство на Македонија, заштитено со закон, а во исто време да се испочитуваат и профилактичките мерки донесени од страна на Владата, во соопштението од Црквата по повод овој настан, објавено на 4 мај, и проследено од страна на голем број медиуми, беше сосема јасно укажано дека верниците треба да се придржуваат на превентивните мерки на државните и здравствените власти“, стои во соопштението.

Дополнуваат дека надлежниот епархиски митрополит г. Тимотеј Дебарско-кичевски, во својата јавна проповед пред почетокот на литијата  јасно нагласил:

-,,Сега ќе продолжиме со предвидената Литија, но, како што знаете, поради ограничувања од страна на државните и здравствените организации или институции, не е дозволено да се групираме во голем број на народ, затоа ќе дозволите Литијата да ја направиме со помал број на луѓе, односно со оние кое се предвидени во смисла на Литијата што треба да се организира, а другите ќе ги замолиме да останат тука и да почекаат…“- се вели во соопштението од оваа црква.

Освен тоа, укажува свештенството во соопштението, во насока на почитување на мерките на заштита и превенција, богослужбата беше отслужена надвор, односно во дворот на струшкиот храм, наместо во неговата внатрешност.

-Следствено, повеќе од јасно е дека Црквата, и неколку дена претходно, а и пред самиот настан, гласно повика на придржување на мерките дадени од државните власти и тука нема никаков простор за обвинување. Испраќаме апел и до политичките партии и сите општествени чинители да не ги користат активностите на Црквата за наведување на граѓаните да не ги почитуваат мерките. Мерките на Владата се за наше добро, да ги почитуваме за да се заштитиме. На крај, би сакале да им упатиме уште еден апел на оние кои се декларираат како верници, да бидат внимателни, одговорни и послушни на црковното началство, бидејќи со самоволието се предизвикуваат само несакани и неблагословени нешта“-се вели во вчерашната реакција Свештенството при храмот Св. Георгиј, на тој начин оградувајќи се од секаква одговорност при евентулни последици по здравјето на луѓето по вчерашната масовност на литијата во Струга.