Црногорец уапсен пред нападите во Париз осуден на 4 години затвор

Влатко Вучелиќ, педесет и едногодишен црногорски државјанин, уапсен неколку денови пред стравичните напади во Париз зад воланот на автомобил чиј багажник беше полн со оружје осуден е во Германија на четири години затвор.

Вучелиќ, кој превезувал разни модели на револвери и пушки, како и експлозив, го запрела баварската полиција на територијата на таа покраина, на 5 ноември минатата година. Во неговиот „голф“ биле пронајдени осум „калашњикови“, повеќе револвери, две рачни гранати и 200 грама експлозив. Бил на пат за Париз, а уапсен е при рутинска контрола.

Неколку дена подоцна, на 13 ноември 2015 година во француската престолнина одекнаа експлозии. Животот го загубија 130 лица, а одговорноста за нападите ја презедоа исламски терористи.

Вучелиќ во почетокот се поврзуваше со париските напади, но германскиот суд не утврди негова инволвираност во овие настани. Познато е дека за услугата наплатил 2.000 евра и дека до тогаш немал полициско досие. Засега не се открива името на налогодавачот. Судот го прогласи за виновен за незаконско поседување и превоз на оружје, но во пресудата се наведува дека „нема докази дека имал намера да го однесе токму во Париз“.