Црн ден за Јанева: осомничена за ,,Рекет“, ѝ се слоши во суд, почина мајка ѝ…

Денеска најверојатно е најлошиот ден во животот на Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, и еден од најцрните денови за македонското правосудство.

Првиот човек на СЈО се најде од другата страна на правдата. Место да ги гони криминалците, за што беше избрана и поставена и стана надеж на илјадници граѓани, Катица Јанева ја прокоцка и довербата и шансата и му нанесе невиден удар на правосудниот систем, но и на тие што веруваа во неа.

Таа сега ги полни медиумските и интернет страници како лице осомничено за злоупотреба на службена положба и примање поткуп и од потенцијален сведок за случајот ,,Рекет“, стана еден од тројцата осомничени.

Откако Јавното обвинителство објави дека Катица Јанева , според прибавените докази , е вплетена во ,,Рекет“ и побара 30 дена притвор, таа беше спроведена со полиција од нејзиниот дом пред истражен судија.

Во меѓувреме, Обвинителство побара да се заплени мебелот од нејзиниот дом како доказен материјал, за кој постои сомневање дека е подарок од Орце Камчев, кој практично сега е сведок соработник на обвинителството.

На осомничената специјална обвинителка Катица Јанева ѝ се слошило кратко време откако беше изнесена пред судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1. Повикана беше Брза помош. Лекарската екипа излезе по околу половина час.

Распитот продолжи, а судијата Реџепагиќ одлчучува дали ќе ѝ одреди 30 дена притвор.

На денот кога специјалната јавна обвинителка е приведена, почина нејзината мајка.

Мајката на Јанева починала по долго боледување, а погребот е закажан за утре.

Нејзиниот адвокатот при влезот во Судот, рече дека секако ќе побараат да ѝ се овозможи да замине на погребот .

Адвокатот  Стеван Павлески пред Основниот суд Скопје 1 изјави дека е изненаден што истрагата за „Рекет“, во која веќе се осомничени Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески, е проширена врз специјалната обвинителка Катица Јанева.

„Јанева е човекот кој гледаше либерално на притворот. Таа е единствената која дозволуваше куќен притвор. Погледнете ги одлуките на Одделението за организиран криминал – тие немаа такво искуство. Ете тоа некој го зема за зло. Таа е жртва во случајот и ќе го докажеме тоа“, рече Павлески.