Чиј план ќе поддржат граѓаните?

 

Во една од просториите на новото седиште на партијата, во придружба на најблиското раководство, Груевски ги собра старите коалициски партнери со кои ќе трча на изборите. Меѓу нив е и најновиот  од последните избори, Стевче Јакимовски од ГРОМ.

 

 

Груевски по средбата рече дека на овие избори дефинитивно, граѓаните ќе имаат можност да изберат помеѓу ВМРО-ДПМНЕ како партија која работи, испорачува резултати и ветувања, гради, создава дела, прави реформи и го прави животот на граѓаните подобар или СДСМ на другата страна  кои се најдобри во манипулации, правење на игри и чија главна платформа е деструкцијата.

Можам да кажам, изјави Груевски  дека сме подготвени за една силна, за една голема победа. Победа која ќе обезбеди стабилност на Република Македонија, победа која ќе обезбеди економски просперитет за народот, за граѓаните на Македонија независно на нивната етничка или верска провиненција. Победа која ќе обезбеди Македонија да излезе од оваа криза во која што ја донесе опозицијата и да застане цврсто, да застане стабилно и да продолжи по патот на економскиот просперитет, по патот на зачленување во НАТО и ЕУ и по сите оние други стратешки приоритети кои ги имаме зацртано како држава и се разбира ние како коалиција, истакна лидерот на владејачката партија.

 

 

Планот на Груевски е коалиција со криминалот. Планот на СДСМ е коалиција со граѓаните- одговорија од опозициската СДСМ.

,,Планот на Груевски е грабеж на парите на граѓаните. Планот на СДСМ е враќање на парите назад кон граѓаните.

Планот на Груевски е иселување на граѓаните. Планот на СДСМ е да запре иселувањето, и враќање на дел од иселените граѓани преку сет економски мерки.

Планот на Груевски е сиромаштија и живот на 180 илјади граѓани со по 40 денари на ден. Планот на СДСМ е зголемување на минималната плата на 16 илјади денари и просечна плата од 500 евра.

Планот на Груевски е богатење на својата фамилија и на партијата. Планот на СДСМ е намалување на нееднаквоста преку поголеми даноци за побогатите.

Планот на Груевски е фрлање на стотици милиони евра на стиропор додека родилки умираат по болниците. Планот на СДСМ се вложувања за јавно здравство достапно за сите и бесплатно болничко лекување за сите.

Планот на Груевски е раскошен живот за мафијашката банда околу него, додека граѓаните преживуваат. Планот на СДСМ е живот за сите во Македонија.

Планот на Груевски ќе биде поразен. Планот за Македонија ќе го оствариме заедно со граѓаните на 11-ти декември” – реагираа социјалдемократите.