Чулев: Против сите прекршители на полицискиот час во Ченто ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави

Во изминатиот период граѓаните во најголем дел соработуваа со полицијата, ja поддржува и помагаа во извршување на нејзините работни обврски. Тука би сакал да истакнам дека соработката и поддршката кои ги добивме од страна на граѓаните се од исклучителна важност и дадоа значителен придонес при извршување на работните задачи на полициските службеници“.

Ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на денешната прес конференција во МВР, а посветена на шпекулациите и дезинформациите што се појавија во јавноста по повод вчерашниот настан во скопската населба Ченто каде што беа приведени три лица поради прекршување на забраната за движење во периодот од 21 до 05 часот.

Имено министерот Чулев потенцираше дека вчерашниот настан во населбата Ченто говори за однесување кое е спротивно на одлуките и мерките на надлежните институции и дека причините поради коишто сето тоа е сторено, односно политичката позадина, никако не го оправдува ова поведение, и говори за тенденциозно загрозување на здравјето на граѓаните кои живееат во овој дел од градот, а предизвикано меѓудругото и од политички побуди.

Притоа министерот Чулев хронолошки се осврна на вчерашните случувања. “Околу 21.10 часот на социјалните мрежи е забележана фотографија од групирани лица на улицата Алија Авдовиќ во населбата Ченто и по добиеното сознание од страна на полициските службеници од СВР Скопје преземени се активности, извршена е контрола за тоа дали конкретните лица не ги почитуваат мерките и одлуките на владата за ограничување на движењето. Во таа насока при пристигнувањето на полициските службеници на конкретната локација забележена е група од осум лица кои откако ги забележале полициските возила, дел се дале во бегство, а три лица останале на самото место при што од страна на полициските службеници биле лишени од слобода и спроведени во ПС ОН Гази Баба за понатамошно постапување“, истакна министерот Чулев.

,,При лишувањето од слобода едното од лицата се претставило како член на советот на општина Гази Баба од редовите на политичката партија СДСМ со што сакало да изврши притисок врз полициските службеници со цел истиот да не биде лишен од слобода. Од страна на полициските службеници во ПС ОН Гази Баба извршен е службен разговор и за истото е изготвен соодветен службен материјал врз основа на кој се изготвени и поднесени кривични пријави за сторено кривично дело предвидено и казниво по член 206 од кривичниот законик, меѓу кои и кривична пријава за советникот од редовите на СДСМ“, рече министерот Чулев. 

Тој потоа истакна дека околу 22 часот добиена е информација за собирање на поголема група луѓе на местото каде што претходно беа лишени од слобода трите лица и чиишто мотив за собирање е лажната информација дека овие лица се физички малтретирани во полициската станица и дека истите се лишени од слобода од своите домови. 

,,Потенцирам дека двете информации не се точни и истото е потврдено во исказите кои ги дале лицата кои биле лишени од слобода каде истите наведуваат дека биле затекнати на улицата Алија Авдовиќ, од каде биле лишени од слобода и спроведени во полициска станица“ истакна министерот Чулев.

Во однос на видео записите кои се појавија на социјалните мрежи и на одредени веб портали, а на кои се гледа и слуша дека градоначалникот на општина Гази Баба дава ветување дека тој лично ќе ги ослободи лицата и за истите нема да има поднесок, министерот Чулев потенцираше дека МВР постапува неселективно кон сите граѓани во државата и секаде онаму каде што се прекршени законските одредби и одлуките на владата постапува согласно законите за што говори фактот дека против трите претходно споменати лица се веќе поднесени соодветни кривични пријави до надлежното ОЈО.

Покрај ова Чулев нагласи дека по преземањето на потребните службени дејствија од страна на полициските службеници и по целосно документирање на настанот, односно по поднесувањето на соодветните кривични пријави до ОЈО, согласно стандардните оперативни процедури во сите случаи поврзани со прекршување на ограничувањето на движењето, лицата се ослободени по што групата насобрани граѓани си заминале без полициска интервенција.

Чулев потенцираше дека во насока на целосно расчистување на случајот, МВР и во текот на денев презема активности при што е обезбеден и видео запис за кој се спроведува детална обработка и анализа со цел пронаѓање и идентификација на лицата кои го нарушувале јавниот ред и мир и вршеле кривични дела непочитувајќи ги одлуките на владата.

Против истите, како што најави Чулев, дотолку повеќе што за дел од лицата веќе е утврден нивниот идентитет, ќе бидат поднесени кривични пријави, а за оние кои јавно упатуваа повик за непочитување на ограничувањето на движењето по утврдување на нивниот идентитет ќе бидат поднесени две кривични пријави за сторени две кривични дела и тоа потикнување за непочитување на одлуките на владата и за самото непочитување на одлуките на владата. 

Извор: Соопштение на МВР во оригинална форма