Шамари за Груевски

 

 

,,Нападите и навредите повеќе говорат за тој што ги изрекува, отколку за оној кому му биле упатени’’-напиша Центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ во едно од штанц-соопштенијата кои секојдневно се објавуваат на официјалната интернет страница на партијата. Ова беше посветено на грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој според партијата, ја обвинил Македонија при посетата на Белград за национализам и иредентизам. Без намера да ја ширам темата за меѓусоседските односи, не дека не заслужува, туку заради внатрешнополитичката криза, ќе се задржам само на констатацијата од првата реченица.

Од анализата на ракурсот на интерес на темите за кои  ВМРО ДПМНЕ реагира, личностите кои ги напаѓа и секако, стилот и начинот на кој го прават тоа во последните месец и половина, може да се заклучи дека Никола Груевски и непосредните соработници од врхушката се плашат од постоењето на СЈО, влијанието на меѓународната заедница и делувањето на невладиниот сектор.

Всушност, тие се извадени од памет, затоа што дознаваме на отворена сцена дека Груевски во преговорите за состав на нова Влада со ДУИ, прифатил се’, освен продолжување на мандатот на Специјално јавно обвинителство. Значи, прифатил двојазичност на цела територија на Македонија, а согласно нивната мантра во предизборната кампања насочена против СДСМ и Заев, значи и федерализација. Со упростен речник кажано, Груевски ги раздава, продава врвните нациoнални интереси(позајмено од нивен речник), за лични или теснопартиски интереси. Тој како највисок државен интерес ја поставува неговата лична безбедност и сигурност, пред се’ друго во државата. Груевски практично се пазари за состав на нова Влада, која треба да одлучува за нашата иднина, притоа врвен приоритет му е како да го збрише СЈО, за да се спаси тој од одговорност за дела кои му се ставаат на товар, а за кои очигледно и тоа како има докази. Инаку, зошто би се плашел ако е невин.

Фалшиви им се приказните дека станува збор за политичка одмазда, затоа што, во досегашната позната политичка пракса во светот, политички се одмаздува, или пресметува со своите неистомисленици или противници, партија од позиција на власт. Обратно, не е познато опозицијата да им се одмаздува на владејачките противници. Од проста причина, ајде ако треба и ќе кажеме, бидејќи полугите на власт природно нели, се во рацете на структурите на власт.

Да не зборуваме дека ,,сваровски“ судијките, кои случајно се погодуваат на предметите кои ги покрена СЈО, во старт ја оневозможуваат секоја шанса за почеток на некаков судски процес против осомничените за дела поврзани со прислушуваните разговори. Патем, со чиста совест можеме да го користиме синонимот ,,сваровски судијки“, бидејќи една од нив, во исклучително неврзан, да не речам близок  разговор со Сашо Мијалков, ни ја откри практично шемата на функционирање на политиката со дел од судската фела. Тие судијки сега треба да ги судат и осудат Мијалков, Груевски, Јанакиески, Јанкуловска, кај која патем беше тефтерчето, и другите од Аналитико друштвото.

Во една таква изместена слика на функционирање на државниот апарат, крадците врескаат на цел глас – држете го крадецот!

,,СЈО и Катица Јанева се срам за правосудниот систем“-бомбардира пропагандната машинерија на ВМРО ДПМНЕ. ,,Катица Јанева е приврзок на СДСМ“, ,,Катица Јанева го штити аболицираниот криминалец Зоран Заев“, ,,Катица Јанева ги вработи послушниците на СДСМ“, ,,Партиските судии од СЈО извршуваат партиски нарачки од СДСМ“, ,, Катица Јанева својата нестручност, некомпетентност  и исфрустрираност…“Катица Јанева по втор пат го аболицираше криминалецот Заев“ или….

,,Бандитите на СДСМ/Сорос“, ,,Хулиганите на СДСМ/Сорос“, ,,Скапо платени соросоиди“, и најново од арсеналот ,,Лешинарите од СДСМ“…..

И сега, ако се раководиме според логиката на ВМРО ДПМНЕ од почетокот на текстот , според која  ,,Нападите и навредите повеќе говорат за тој што ги изрекува, отколку за оној кому му биле упатени’’ – доаѓаме до едноставен заклучок, нели?

Но, она што е најболно за нарачателите на пропагандата за оцрнување, е што машинеријата почна да зарибува.  И тоа се’ почесто. Зборовите им се враќаат како ехо. Ако викате од ридот ,,те мразам“, долината ќе ви го врати истото ехо-,,те мразам“.

И шамарите што ги нарача Груевски за Коцијанчич, Бејли и други дипломатски претставници во нашата земја, му се вратија како ехо. Доби шамари од САД и ЕУ. И тоа онака јаки пет-шест. Ем сите видоа и слушнаа, ем ушите да му ѕвонат.

Тажно е ова што и се случува на Македонија. Уште потажно е што кај нас криминалци се наградуваат со 450.000 илјади гласови на избори, наместо со најмалку толку народ на улица истите тие да не смеат да помислат да одат на избори. Со доза на завист деновиве ги гледам Романците како се борат против декриминализација на државниот криминал и на корумпираните политичари. Кај нас, 450.000 илјади ги оверуваат на избори и им велат, бујрум, продолжете така. Уценети, приморани, егзистенцијата им зависела од тоа, не е никакво  оправдување.Гласале!

Нас ни се случува класична агонија. Граѓаните на оваа земја не се среќни, не се спокојни. Тоа може да ви го потврди секој ако го прашате дома, на работа или на улица. Живееме под политички притисок, во континуирана стресна состојба. Политичките лидери не ги интересира тоа. Под превезот на барања во интерес на сопствениот етникум или негова заштита, всушност го одработуваат сопствениот опстанок.

ДУИ со своите 10 пратеници ги уценува и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Нив исто така не ги интересира мирот и спокојството на граѓаните во државата. Тие сега сакаат да се покажат како големи чувари на националната кауза(а што правеа досега?!) и овој навистина тежок политички момент за државата, го користат да изнудат тесно-етнички барања, кои и да ги прифатат Македонците, секогаш во историјата ќе се третираат како предмет на изнуда или уцена. Ова не е природен процес на договор.

Од друга страна,  граѓаните остануваат неми посматрачи. Јавната свест е сведена на препукување по телевизиски емисии на неколкумина кои се персонификација на јавната свест од една страна и на политичките елити преку  нивни застапници, од друга страна. Отука пресметката потоа се префрла на социјалните мрежи. И толку.

Коренити промени и реформи , кои се нужно потребни буквално во секоја сфера и област од животот, засега се мисловна именка. Контурите на планот   не можат да се препознаат , ниту  во некоја политичка опција или пак во интелектуалното јадро.

За жал, како да се претопија или пак си заминаа и студентските пленумци, на кои навистина со право им се израдувавме. Таква сила нам ни треба, таков мотор на надеж и промени.

Да не дозволиме да не совлада летаргијата. Некому тоа многу му одговара.

Многу работа не чека. Да си го вратиме животот назад.

П.С. Ако и овојпат некому не му е јасно зошто се занимавам повеќе со Никола Груевски отколку со Зоран Заев, пак ќе му објаснам. Така е тоа во нормалниот свет. Предмет на опсервација, во најголема мера е тој што е на власт. Тој што ги носи одлуките од кои зависат нашите животи и иднината на нашите деца и тој што ги троши нашите пари. Тој ја има и најголемата одговорност, а не само привилегиите. Не сме ние ничија сопственост, не сме нивни заморчиња. Нема сомнение дека државните функционери од ВМРО ДПМНЕ наредбите  ги примаат од него, а не од Емил Димитрев , кој е само формално премиер. Впрочем, министрите рапортираат во седиштето на партијата, а не во Владата.

Затоа, секому според одговорноста и заслуженото. Без исклучок. И сега и во иднина!

 

ЕМИЛИЈА ЛАЗАРЕВСКА