Шверцер и мигрант ранети во нозе откако се обиделе да избегаат и да прегазат полицајци

На 25.09.2020 околу 06.00 часот на крстосница од пат с.Кравари – с.Оптичари, поради постоење основано сомнение дека се превезуваат мигранти, полициски службеници од Полициска станица Меџитлија се обиделе да сопрат патничко возило „Порше“, со скопски регистарски ознаки, но возачот се обидел да ги прегази, по што полициските службеници од огнено оружје испукале неколку истрели, соопшти МВР.

Набрзо возилото запрело во близина на бензинска пумпа на влез во Битола, а во него бил затекнат возачот Ш.С., кој се здобил со две прострелни рани во нозете, додека во непосредна близина бил пронајден и еден мигрант со прострелна рана во едната нога. Повредените лица се пренесени во Клиничка болница Битола за укажување на лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 На 24.09.2020 во 10.30 часот во Царинска испостава „Табановце“, полициски службеници од Полициска станица Табановце, по пријава на М.Б.(53) од Р.Босна и Херцеговина, дека забележал оштетување на товарното возило, со странска национална ознака, кое го управувал,  настанато додека бил паркиран во близина на Граничен премин Табановце, извршиле контрола на возилото.

Притоа, во задниот товарен дел биле пронајдени осум лица мигранти (пет од Бангладеш, две од Пакистан и едно од Р.Турција), кои  според пријавеното влегле во товарниот дел додека возилото било паркирано. За настанот бил известен Јавен обвинител, а мигрантите се предадени во Транзитен центар Табановце.