Шекеринска:Кризата ја одолговлекуваат оние кои треба да одговараат

Заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска одговарајќи на новинарски прашања го повика Претседателот Иванов да постапи согласно Уставот затоа што тоа е негова должност. Должен е да го даде мандатот, рече таа.

Медиуми: Г-ѓа Шекеринска, сведоци сме на силен меѓународен притисок врз претседателот Иванов, сметате ли дека тој ќе одговори на овие повици?

Шекеринска: Пораките се јасни, недвосмислени, прецизни и идентични. Не заради тоа што сите меѓународни фактори водат иста политика, туку заради тоа што во случајот со Македонија, денес, навистина човек не може да има поинаков став. Уставот на нашата држава во кој сите се колнеме, за кој сите викаме дека го браниме е многу јасен. Претседателот е должен да го даде мандатот на партија или партии кои имаат мнозинство во Собранието. Должен! Уставна должност! Уставен член, Уставна обврска! Иванов кој излегува и многу зборува за Уставот, наместо да зборува треба да дејствува во согласност со Уставот. И затоа убедени сме дека овие пораки кои практично го повторуваат Уставот за кој ние како граѓани на оваа држава сме се изјасниле, ќе продолжат и понатаму. Дали Иванов ќе постапи согласно неговата Уставна обврска е прашање на кое тој треба да го одговори. Минатата година се најдовме во слична ситуација. Сите беа единствени во ставот дека помилувањата мора да се повлечат. Иванов беше тврдоглав, на крајот го промени своето мислење, меѓутоа и денеска сакам да потсетам, Македонија плати веќе цена за непочитувањето на Иванов на Уставот, еднаш. Не смее, не смее како човек којшто ја врши највисоката функција во оваа држава тоа повторно да и го прави на својата земја. И затоа ако зборуваме за одбрана на Уставот што е наша обврска како граѓани, како луѓе, треба секој да почне со својата Уставна обврска, обврската на Иванов се уште не е реализирана. Тој мора, должен е, не согласно мое мислење, не согласно ваше мислење, согласно Уставот, да го даде мандатот, било каква друга позиција е сериозна злоупотреба од негова страна и како што реков насилство врз Уставот и граѓаните на оваа држава.

Медиуми: До кога ќе чекате Иванов да се произјасни и дали ќе преземете некакви чекори за свикување на Собраниска седница, од ДУИ влеат дека СДСМ е на потег?

Шекеринска: Она што го кажавме јасно пред неколку дена и понатаму важи. Ние сакаме во оваа држава да не воведуваме секој ден нови преседани. Сакаме она што гласаа граѓаните, а тоа е мирна промена на Власта, да го реализираме на дело, без да се доведуваме во ситуации да се биде или не. Заради тоа ние ќе ги продолжиме дискусиите со различните политички партии кои ги дадоа потписите на Зоран Заев како мандатар, и ќе ги влечеме потезите на договорен и усогласен начин. Македонските граѓани гласаа за промени, не за да се промени спикерот на Парламентот, ајде да бидеме искрени. Гласаа за промени за да добијат нова, реформски ориентирана Влада, којашто ќе ги менува состојбите во државата, а не за статус кво. И затоа нашиот фокус е не да ја одолговлекуваме кризата, туку да ја решаваме. И сметаме дека е тоа желба, молба, барање, од огромното мнозинство на македонските граѓани. Единствените кои се противат на ваквото сценарио се само луѓето кои знаат дека ако правилно функционира државата, тие ќе треба кривично да одговараат. Меѓутоа дајте да не дозволиме Македонија да ја плаќа цената за една група луѓе кои се огрешиле од законот, и коишто сега бараат заштита во дестабилизирање на државата.

Медиуми: Во моменти кога гледате дека Иванов не отстапува од одлуката, туку уште повеќе ја брани со барање на поддршка од различни места, дали сте ја разгледале можноста за нови избори како што бара ВМРО-ДПМНЕ, и дали има некој план за одржување на двојни избори, и локални и парламентарни?

Шекеринска: Да не заборавиме дека не се поминати ни два месеци од претходните избори. Граѓаните на оваа држава веќе гласаа и меѓу Груевски и Македонија, тие ја избраа Македонија. И заради тоа, очекувано е, со право, од сите нас вклучително и оние коишто гласале за власта во заминување, гласаат за промени во Македонија и за одлуки коишто следат после изборите. Инаку, што се однесува до локалните избори, кои согласно закон, се регулирани, единствените луѓе коишто одлагаат локални избори во моментов во Македонија, се Иванов и Груевски во негова позадина. Доколку Иванов не го изигруваше Уставот, во првиот момент, доколку го дадеше мандатот на втората политичка партија, веднаш, без условувања, без никакви точки и запирки, денеска во Македонија ќе имавме функционално Собрание, ќе имавме избран претседател на Собранието, ќе имавме претседател на Собранието кој закажал избори, и ќе имавме мандат за Влада која ќе организира избори. И затоа, наместо да зборуваат за избори треба да прекинат да го блокираат демократскиот и политичкиот процес во Македонија, да озбезбедат граѓаните да здивнат и да видат како некои работи во нашата државата одат на подобро. Тоа би било многу поконструктивно и подржавнички.

Медиуми: Се погласни се повиците во јавноста од интелектуалци, аналитичари дека најдобро решение за излез од кризата би било повлекување на албанската платформа. Кој е ставот на СДСМ околу тоа?

Шекеринска: Платформите на други политички партии не се прашање кое ние го решаваме. Ние сметаме дека со политичките партии со кои би разговарале за формирање влада, ќе отвориме дискусија за многу точки кои се дел од нивните предизборни или постизборни платформи. Меѓутоа, да, точно е дека после изборите беше направен обид да се промени целата тема во политичката дебата. Од едно општо барање на граѓаните на Македонија да се свртиме кон нивните проблеми, да се свртиме на прашањата за правна држава и одговорност за криминалот, наеднаш, како дел од некое заткулисно сценарио, станавме само луѓе кои дискутираат етнички прашања. Ние остануваме доследни на политиката и програмата која ја водевме во целиот изминат период. Едно општество, една Македонија. Заеднички проблеми и заеднички решенија. И ги повикуваме сите политички партии кои и сакаат добро на оваа држава и сакаат да им го подобрат животот на своите сограѓани, да се однесуваат на истиот начин. Дајте да се сконцентрираме на тоа што од нас го бараат граѓаните. Ние рековме дека за сите овие прашања можеме да дискутираме со коалициони партнери, тогаш кога Иванов ќе го даде мандатот. За жал, тој условот не му го постави на Груевски се додека тој преговараше со потписниците на истата таа платформа. Тоа е лош принцип, лоша пракса и покажува дека Иванов тера дневна и партиска политика, а не е воден од интересите на Република Македонија. Затоа велиме да одиме чекор по чекор и да не ги прескокнуваме неопходните чекори. Тој ја врши функцијата Претседател на државата, тој согласно Уставот е обврзан да го даде мандатот на оној кој има мнозинство, а ние ќе ги дадеме сите одговори на јавноста и таа ќе може со свои очи да се увери кога ќе излеземе со програма на Влада во согласност со Уставот. И тогаш целосно ќе прекинат сите можни манипулации, лаги, дезинформации и стравови кои власта во заминување ги создава, не за друго, само за да спаси една мала група од одење во затвор-рече Шекеринска одговарајќи на новионарски прашања.