Шекеринска го информирала Данкан дека се најдени решенија согласно Уставот

Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, придружувана од генералниот секретар Оливер Спасовски, потпретседателот Дамјан Манчевски и претседателката на Комисијата за европски прашања на СДСМ, Лидија Димова денеска се сретна со државниот министер за Европа и Америка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Алан Данкан, придружуван од британскиот амбасадор во Р.Македонија, Чарлс Гарет.

Тема на состанокот беа промените што се случуваат на политички план во Македонија, како и економските предизвици за обезбедување квалитетен живот.

-Се отвораат светли перспективи за Република Македонија и за граѓаните, со демократските промени што се случуваат и носат нова демократска Влада.

Очекуваме дека новата Влада ќе биде брзо формирана и силно ќе се посветиме на сите предизвици. Најтешкиот период за граѓаните и за државата е зад нас, рече заменик претседателката на СДСМ, Шекеринска.

На средбата беше нагласена мнозинската волја на над 612.000 граѓани кои на изборите избраа правда за сите, наместо неправди, заедништво наместо поделби и Македонија која оди напред, наместо изолација од светот.

-Оваа мнозинска поддршка на концептот за Македонија едно општество за сите, земја на еднакви граѓани, со еднакви права и должности пред Уставот и законите е факторот на стабилност во државата. Се покажа дека сета пропаганда за некакви федерализации или редефинирања на државата била лажење и манипулација на јавноста. Најдовме решение во согласност на Уставот. Ние сега сме посветени на следните чекори, Македонија да биде правна држава, да обезбедиме непречена работа на СЈО и независни институции што ќе работат во интерес на граѓаните. Определбата на граѓаните за концептот на заедништво и живот за сите е голем капитал за Македонија и ги отвора вратите на новата Влада, да се посвети на она што најмногу и реално ги засега граѓаните, а тоа е излез од огромната сиромаштија во земјата и квалитетен живот за сите, рече заменик претседателката Шекеринска на средбата со британскиот државен министер за Европа и Америка, Данкан.