,,Наредните 7 до 10 дена, ќе  се направат консултациите со пратениците и ќе се процени дали ќе почне процедурата во Собрание за уставни измени или ќе се распишаат парламентарни избори“.

Ова го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска на заедничката прес-конференција со вицепремиерот, Бујар Османи, по вчерашниот референдум.

На прашање како ќе ги убедуваат пратениците, односно со што ќе излезат пред нив ако досега не ги кажаа содржините на амандманите кои треба да се променат таа вели дека суштината е иста.

– Сметавме дека текстот не треба да биде испишан пред референдумот. Ако немаше ваква бројка немаше да има потреба да се формираат амандмани – изјави Шекеринска.

До пратениците таа испрати порака дека немаат друга вистинска опција освен да го следат гласот на мнозинството и да гласаат.

– Ова прашање е поголемо од интересите на сите политички партии. Пратениците ќе имаат јасен избор пред нив. Од една страна ЕУ и НАТО, а од друга изолација и неизвесност. Очекуваме да ја прифатат пораката од референдумот. Во спротивно алатката која преостанува се предвремени парламентарни избори. Во текот на кампањата имаше изјави дека можеме да почекаме и да се надеваме на друг договор. Тоа беа изјави во кампањата кои не се точни. Оваа шанса Македонија нема да ја има. До овој момент никој не излезе со алтернатива за членството во ЕУ и НАТО – рече Шекеринска.