(Министерски состанок на земјите членки на НАТО на кој рамноправно учествуваше македонската министерка за одбрана, Радмила Шекеринска. Таа имаше место означено со новото име односно неговата кратенка Северна Македонија)

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска во Брисел, пред официјалниот министерски состанок на НАТО на ниво на министри за одбрана, се сретна со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Шекеринска пред средбата изрази благодарност до генералниот секретар Столтенберг за искрената поддршка и личното залагање во процесот на пристапување на нашата земја во НАТО.

„Чест ми е и привилегија за мене и за мојата земја да бидам тука, за прв пат на НАТО министерскиот состанок. Тоа е доказ дека политичката храброст се исплати, дека промените се можни дури и на Балканот, дури и во времиња како овие. Тоа е и доказ дека не постојат смрзнати проблеми, туку единствено смрзнати решенија. Ќе ми биде привилегија да седам веднаш покрај вас, и покрај останатите колеги министри за одбрана“, рече министерката Шекеринска. Министерката изрази уверување дека ние можеме да го направиме нашиот регион подобар и постабилен и дека можеме да покажеме дека политиката на отворени врати на НАТО не се само зборови, туку реални дела и реална заложба.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг истакна дека му е голема чест што министерката Шекеринска денеска ќе учествува на министерскиот состанок во НАТО.

„Ова е голем момент за сите нас. Ние навистина го цениме прогресот кој го направивте, и без вашата лична посветеност, посветеноста на вашето лидерство и на вашата влада ние немаше да бидеме во можност да ве имаме тука, односно да ве поканиме на овој министерски состанок. Ова е еден голем ден и со нетрпение го очекувам денот кога ќе бидете наш полноправен член, штом заврши процесот на ратификација на пристапниот протокол кај сите 29 сојузници“, рече генералниот секретар Столтенберг.

По состанокот со генералниот секретар, министерката Шекеринска ќе учествува на состанокот на министри за одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО. На овој состанок местото за министерката е меѓу првиот човек на НАТО, Столтенберг и секретарот за одбрана на САД.

„Македонија по три децении битка за свое место во Алијансата, успева да седне на иста маса со сите членки, сојузници на Алијансата и ова е ден за гордост, не само за мене како прв министер за одбрана кој ќе ја има таа чест, туку и гордост за сите граѓани на нашата земја“, порача министерката.

Во текот на денешниот ден, министерката се сретна со бугарскиот министер за одбрана, а ќе се сретне и со грчкиот, со турскиот, со белгискиот, со канадскиот и со британскиот министер за одбрана.