,,Вчера се случи првиот роуст на македонски политичар. И супер пројде“.

,,И има ли подобар и поискрен начин да се упати критика или да се оддаде признание од хуморот? Хуморот дозволува кажување на работите што не се кажуваат, ги третира проблемите кои се превидуваат, дава нови аспекти на прашањата од секојдневието, невидливи за оние кои го гледаат светот со “сериозни” очи.

Скопје има нова традиција која се вика “Скопска Прес Дружба”!“-напиша задоволно на својот Фб профил шефот на кабинетот на скопскиот градоначалник, Никола Наумоски.

На неговиот ФБ профил го прашуваат што значи тоа ,,роуст“, па коментираат-,,Во град со толку многу големи проблеми вие си организирате настанчиња за да си правите заебанции. Разочарувачки несериозно“, некои бараат видео од настанот….

Но, дека убаво си поминале, сведочат и овие фотографии:

,,Вчеравечер Град Скопје ја одржа првата годишна „Скопска Прес Дружба” на која говорниците Сашо Ордановски, Бранко Огњановски, градоначалничката на Битола Наташа Петровска и Петре Шилегов преку хумористични настапи ја коментираа првата година од мандатот на новата градска администрација“-информираше градот.

Шегите на кои толку слатко се изнасмеале, оделе вака:

„Бидејќи градоначалникот дели субвенции за сè и сешто, за печки на пелети, велосипеди, електрични тротинети, за чистење оџаци, јас предлагам да даде субвенции и на Градежен факултет за да воведат предмет како се поставуваат шахти на улиците. Нема ниту една улица на која шахтата е рамна со асфалтот, или се над или под улицата“, се пошегува Бранко Огњановски.

Градоначалничката на Битола Наташа Петровска му се заблагодари на нејзиниот колега Шилегов за трите автобуси од јавниот превоз во Скопје, што ѝ ги подарил за превоз на учениците.

„Фала ти Петре за трите крш автобуси што ми ги подари. Си ми ги оставил и отчитувачите и сега не знам како да наплатувам. А најстрашно од сè  е што на нив пишува ‘скопска’, а во Битола тоа звучи лошо. Ама да не застане тука нашата соработка. Сакам да ми дадеш и една галија“, му порача Петровска на Шилегов.

Шилегов на присутните им делел ,,шилеговача“, зафркавајќи се на своја сметка бидејќи ВМРО ДПМНЕ, а и на социјалните мрежи го прогласуваа за пијандура.

Што ќе направи и зошто не направил ништо да го исчисти Скопје, ревитализира запустените зелени острови низ градот, подобри инфраструктурата, сообраќајниот колапс, загадениот воздух, другпат ќе каже.

АКО.мк