Шилегов направи список што е направено изминатите две години за пожарникарите и праша колку чини едно копито од спомениците од СК 2014

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, одговори на прес конференцијата на Јелена Жугиќ од ВМРО ДПМНЕ, која ги нападна противпожарните служби на Град Скопје дека се неспособни да се справат со пожарите.

Шилегов напиша ,,за ,,крокодилските солзи” на опозицијата“:

,,Во изминативе скоро 22 месеци, како сум градоначалник на Скопје, се трудам, скоро секогаш, во градските активности да не мешам политика. Затоа што Скопје е град на сите. И на власт и на опозиција, на определени, на неопределени … на сите !

Сепак, инспириран од (вчерашната) прес конференција за ,,состојбата” во Противпожарната бригада на нашиот град:

1. Сметам дека е навистина ниско во политиката да се мешаат луѓето кои што секојдневно ги ризикуваат своите животи, за да ги спасат или обезбедат нашите. И животи и имоти.

2. Во минатото, третманот на скопските пожарникари бил таков, што тие луѓе го имаа загубено своето професионално достоинство.

3. Опрема (80 комплети) за гасење пожар, последен пат се набавени во 2009 година. Работна униформа (онаа обичната, сина, која не се користи за гасење пожар е купена во 2014). Чизми за гасење пожар, последен пат се набавени пред 16 години … Возила (без оние 2 кои се донација од државата во 2007) се (е) купено во 2005 година. Патем кажано, немаше договор за нивно одржување …

Во последниве 22 месеци:

1. Набавени се 25 дишни апарати ДРЕГЕР за да може да се влезе во оган кога е потребно (а стално е потребно)
2. Набавени се 260 пара чизми за гасење пожар за Пожарникарите
3. Набавени се 260 комплет униформи за Пожарникарите
4. Набавена е следнава ПП опрема:
350 црева 52’ , 8 турбомакмлазници Розенбауер и друга неопходна опрема за нормално функционирање на бригадата
5. После долги години за пожарникарите е обезбедено осигурување од повреда при работа кое е со важност 24/7
6. После 35 години, аналогната телефонска централа е заменета со нова дигитална телефонска централа
7. Направен договор за 2 годишно одржување на ПП возилата и пумпите
8. До крајот на 2019 (распишани се скоро сите постапки) ќе се реализира уште:
Набавка на 3 нови ПП-Возила
Набавка на 1 нова ПП- Скала
Набавка на опрема за спасување од височини (јажиња,куки и др)
Набавка на ПП-АРМАТУРИ потребна опрема за Бригадата
Набавка на 100 Заштитни Одела за Шумски пожари и тоа комплети со шлем, чизми, ракавици, униформа …
За прв пат е реконструирана платформата во Автокоманда после 40 год
Сменети се прозорците (ставени ПВЦ) на 60% од објектот во Автокоманда (главното седиште на Бригадата)
Монтирана е нова модерна електрична капија на објектот во Автокоманда
Реновиран е објектот (канцеларии и тоалети).
9. Вработивме нови 20 пожарникари и 50 во идниот период…

И да. Минатата година, Противпожарната бригада е наградена со највисокото градско признание: 13 Ноемвриска награда.

Затоа, немојте прес конференции со крокодилски солзи драги мои опозиционери.

И да !!! Колку кошта едно копито од спомениците ?“-праша на крајот градоначалникот Шилегов.

На прес конференцијата во седиштето на ВМРО ДПМНЕ, Жугиќ рече:

,,Во петокот три противпожарни возила со девет пожарникари бра упатени во близина на скопското село Виниче за да го гасат шумскиот пожар на Скопска Црна Гора. Пожарот е на непристапен терен и доколку пожарникарите не бидат во состојба да го стават под контрола, како што рече Симоновски, на помош ќе биде повикана Армијата. Ден претходно пожарникари на Противпожарната бригада на Град Скопје гаснеа шумски пожар во близина на скопското село Страчинци каде што гореше нискостеблеста шума.„Практично пожарите директно и индиректно го загрозуваат здравјето на Скопјани. Последниот пожар на Скопска Црна Гора кој остана нелокализиран неколку дена направи огромна штета за животната средина и беше со можни закани за последици врз здравјето и на локалното население. Граѓаните беа препуштени речиси сами да се справуваат со пожарите неколку дена. Тоа покажува неколку работи: дека се недоволни капацитетите на градската противпожарна заштита, дека Дирекцијата за справување недоволно се ангажира во справување со ваквите пожари и дека владата треба посериозно да се вклучи во гасењето на пожарите. Скопска Црна Гора како и Водно се белите дробови на Скопје“, рече Жугиќ.