Шилегов на пожарникарите им посака помалку пожари и многу спасени животи

,,Како и досега, така и годинава ќе Ви посакам помалку пожари и многу спасени животи. Вие сте хероите на градот, наша гордост и гаранција за нашиот безбеден живот. Продолжете во таа насока, за нашето Скопје, за сите нас“-рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, честитајќи им го Денот на пожарникарите.

,,Градот Скопје континуирано вложува во опремување и модернизација на Противпожарната бригада. Минатата година обезбедивме нови изолациони дишни апарати, униформи и чевли што ги задоволуваат сите стандарди за безбедност, а обновена е и противпожарната опрема со нови црева и арматури. Заменета е 35 години старата аналогна телефонска централа со современа нова дигитална централа“, рече Шилегов.

Ова се само дел од тековните потреби на Бригадата за противпожарна заштита.

,,Знаеме дека на Бригадата за противпожарна заштита и е потребна нова и модерна опрема согласно со европските стандарди и заради тоа во континуитет вложуваме во истата. Бригадата за противпожарна заштита од минатата година е побогата за нови 29 пожарникари, а работиме и на тоа да обезбедиме нови вработувања во противпожарната бригада и годинава, иако овој процес заради изборите и епидемијата на коронавирусот е побавен.

Со сите овие чекори го зголемуваме капацитетот на бригадата, а истовремено се доближуваме и до исполнување на европските стандарди согласно кои пропорцијата треба да биде еден пожарникар на 1500 жители. Во таа насока сакам да нагласам дека со секое вложување во техничката опрема и човечките капацитети на противпожарната бригада работиме на создавање на услови за поголема безбедност на граѓаните“-вели градоначалникот.