Штипската родилка била донесена во животно-загрозувачка состојба

-Според клиничкиот тек на симптомите што ги имаше родилката, според тоа со која брзина и со кое темпо се развиваше ситуацијата, можеме да претпоставиме само дека се работи за состојба на токсичен шок и тоа во ираверзибилна фаза кога веќе ништо не можевме да направиме-изјави на прес конференција д-р Ванчо Ѓорѓев, анестезиолог-реаниматор.

Штипските анестезиолози час и половина се бореле за животот на 26-годишната родилка, која вчера околу 13.30 часот почина во Клиничката болница во Штип.

Таа била префрлена од Инфективно на Гинеколошко одделение, каде што нејзината состојба била оценета како животно загрозувачка.

Откако лекарите процениле дека трудницата не може да се транспортира до Клиничкиот центар во Скопје, веднаш почнале со нејзина реанимација, но без резултати.

– Итно се одлучивме за царски рез и влеговме во сала некаде околу 13.06 часот. Детето е извадено во 13.15 часот, меѓутоа без знаци на живот. И кај него е пробано со реанимација, извршена е и интубација, но сето тоа е беше без резултат – изјави д-р Ванчо Ѓоргов, анестезиолог-реаниматор во Клиничка болница – Штип.

Која е причината за смртта на трудницата и на бебето треба да се види од резултатите што ќе ги даде обдукцијата.

Во официјалното соопштение од СВР Штип се вели:

На 21.11.2016 година во 15.40 часот телефонски во ПС Штип се јавил лекар од Гинеколошкото одделение при Клиничката болница во Штип и пријавил дека на наведеното одделение за време на породување починало непознато женско лице. Полициски службеници излегле на местото на настанот при што било констатирано дека се работи за Н.К.Б. (26) од Штип. Од извршениот разговор со конзилиум на доктори при Клиничката Болница од Штип констатирано е дека сега починатата со упат од матичниот гинеколог, најпрво, била примена на Инфективното одделение, каде што здравствената состојба и се влошила, по што била префрлена на Акушерското одделение, по што состојбата уште повеќе и се влошила и починала. По извршената реанимација, откако К.Б. починала, бил направен обид со царски рез да се спаси бебето, но истиот останал безуспешен. Било извадено мртво новороденче. По наредба на Јавен обвинител телата биле предадени на обдукција. Се преземаат мерки за целосно расчситување на случајот.