Што е поразлична вашата амнестија од мојата?-ги праша Иванов пратениците и власта

„Мојата цел беше помирување преку помилување, а вашата цел е обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување. Додека јас одлуките за помилување ги донесов за да спречам хаос во државата, вие, одлуката за амнестија ја носите за да ги озаконите уцените со кои се создава хаосот и се руши правната држава. Моите помилувања не вклучуваа спречување на постапката за конфискација на нелегално стекнат имот и подразбираше прочистување на македонската политичка сцена и промовирање на нови лица во политиката. Вашата амнестија е само уште еден преседан за уцена“, рече претседателот Ѓорге Иванов во годишното обраќање во Собрание на РМ.

Законот за амнестија, како што рече Иванов, го потпишал заради разоткривањето на вистинските цели и намери, а тоа е уцената.

„Овој закон го потпишав не заради големото мнозинство со кое го изгласавте, ниту заради повеќето луѓе кои најверојатно ќе бидат опфатени со амнестијата. Вие Законот за амнестија го донесовте заради пратениците  кои ќе ви поминат да поминат уставните измени, јас го потпишав за да ги разоткријам вашите вистински цели и намери, дека оваа амнестија не е за помирување туку за уценување. Со вакво помирување не може да се помири македонскиот народ“, рече претседателот Иванов.

Сè додека простувањето и помирувањето се само средство за постигнување на некоја друга цел, порача Иванов пред пратениците, вие само го девалвирате и простувањето и помирувањето.