Што се случува со нашите деца?

Пишува: Емилија Лазаревска

Ова прашање си го поставувам катадневно при секое мое поминување покрај клупите низ маалските паркови кои станаа главно собиралиште на младината во овие кризни корона времиња. И не само на младината, под што подразбирам од рани тинејџерски години , па таму некаде до 23-4 години од животот, туку и  децата по наши старовремски критериуми до некоја 12-13 годишн возраст.

Познато е дека сум посебно фокусирана на општата култура и однесувањето на луѓето на јавен простор, што преминува, признавам, во моја опсесија до граници на фрустрација.

Фотографиите и видео снимките од мојот мобилен телефон што постојано ги постирам на ФБ профилот, со намера да влијаам некако ако е можно на социјалното однесување на луѓето, посебно на младите, стасуваат до одреден круг на луѓе, некого иритираат, фрустрираат, нервираат, но на крајот сепак е најважен ефектот. Ако воопшто го има.

Можеби е посоодветно прашањето, како наслов на овој текст, што направивме од нашите деца, но се чини дека некако природно, како самоодбранбен механизам, е да се изземеме од одговорност, но тоа не го решава проблемот.

Сите имаме одговорност  за ова што ни се случува на планот на моралните и културолошки вредности на живеење.

Сите ги правиме истите грешки кога ги растеме нашите деца.

,,Остави мама тоа ќе собере. Ти само јади, ти само учи, важно да се најадеш како што треба. Да научиш  за утре. Да не сакаш мама да ти донесе во соба? Оди играј си надвор, мама ќе среди после тебе…“ и така во недоглед.

Нема мајка што не го направила ова барем еднаш,  ако бидеме искрени и многупати, па и секогаш. Татковците не ги спомнувам, нема лутиш, ги нема во ова приказна. Не дека немаат одговорност, туку едноставно ги нема. Резултатот сега го гледаме по парковите, откако тоа им остана единствената опција на децата, единствениот вентил. Не дека тие родители не знаат каде им се децата, од нив некои и повозрасни деца, ама не им е гајле, некому, некому полесно е да не им се дома, затоа што нели, и  ние имаме душа.  А децата нит се водат, нит се тераат. Посебно оние повозрасните.

И ако бидеме до крај реални и праведни, барем според мојата перцепција изградена само на еден парк меѓу зградите, а велат секаде е исто, станува збор  за едни исти млади луѓе кои секоја вечер се таму, секоја вечер се бучни, секоја вечер јадат или пијат и сѐ оставаат таму, на клупите и бетонските места  за седење, и секоја вечер како такви се враќаат во своите домови. Утре пак, и пак, и пак…

Но, за жал, тие се сликата за  сите млади, како што на пример неколку корумпирани судии, политичари, новинари ја прават општата слика за фелата.

3начи, не се сите деца исти, не се сите родители исти, како што не се сите политичари, лекари, пекари и таксисти исти.

Фотографијата што ќе ја видите подолу е една од многуте кои сум ги сликала одејќи патем, како резултат на мојата немоќ и фрустрација од она што го гледам секојдневно.

Нема мама да собере после нив…

Ми вели еден сосед, ќе се препознае, Емилија не знам што се случува, ама ова веќе не се трпи.

Секоја вечер цела пролет, лето, есен… едни исти деца седат на клупите и јадат, пијат(алкохол) и до раните утрински часови викаат, се караат, се смејат гласно. Не се трпи, затвораме дома прозорци, врати, ќе се испогушиме, ама не се трпи, око не можеме да склопиме.

Си велам, ми вели комшијата, да им се симнам долу, ама па се прашувам како не им пречи на оние чии станови се веднаш над клупите?

И ќе се пишманам…

Владее еден чуден и необјаснет страв кај повозрасните да им преречат било што на младите кои ја вознемируваат останатата популација и која, очигледно нема мир.

Се соочував со вчудовидени погледи, ме проглсуваат  за нетокму, затоа што им лепев пораки на клупите ѓубрето да го оставаат во корпите  за отпадоци кои се на два метра од нив.

Деца од 10-12 години ми велеа да си ја гледам работата и ме исмејуваа со најпогрдни зборови, затоа што сакав да спречам тепачка меѓу две момчиња додека остатокот навиваше и ги бодреше да продолжат.

Слушав две групи деца од една страна девојчиња како на цел глас им викаат на момчињата дека се педери,  овие им враќаа сочно-курви…и премолчев. Бидејќи си реков, не е моја работа, каде им се родителите кои ги пуштиле на полноќ да скитаат по парковите и улиците.

Но, не  е така.

Ова е наша работа.

Ова е работа и на возрасните,  заедно со нашите деца.

На државата, на образовниот систем, на репресивните органи(социјални служби, полиција), на сите.

Тука намерно не ги спомнувам проблемите со дрога, препродажба, кражби во кои се инволвирани многу млади луѓе. Нашите деца.

Тие за кои пишувам претходно.

Оти тие се нашата иднина, ама со ваква младина треба ли да се загрижиме за нивната(и наша) иднина?

Велам да.

Колку порано, толку подобро.

( Емилија Лазаревска е основач и Главен и одговорен уредник на портал АКО.мк. Професионален новинар е од 1986 година, кога, како студент на новинарство, почна да работи како хонорарен соработник во Телевизија Скопје, каде стекна богато новинарско искуство. На почетокот на деведесетите беше вработена во МТВ на неопределено време. Во 1998 година ја напушти МТВ и оттогаш, од самите почетоци и формирањето на телевизијата, па сѐ до 15 јуни 2016 година, работеше во Телма како новинар и уредник. Во нејзината 18 годишна кариера во Телма учествуваше во формирањето на редакцијата на вестите, а 13 години беше Одговорен уредник на вести)