,,Јас исто така ја заложувам дипломата дека на ова решение на Кривичен совет во Апелација кој постапува по жалба во втор степен нема право на жалба“-напиша пред два дена на својот твитер налог адвокатот Сашко Дуковски како поддршка на ,,заложувањето диплома“ на оваа тема од страна на неговиот колега Александар Тортевски.

Дуковски, којшто денеска на општо изненадување се најде во тимот бранители на поранешнaта министерка за култура Елизабета Канческа Mилевска, сега треба да се жали до Врховен суд доколку Апелација ја уважи жалбата на СЈО и го одобри барањето за притвор. Имено, оваа непостоечка правна мерка ја востанови се уште актуелниот Јавен обвинител Зврлевски во содејство со Претседателот на Врховен суд Вангеловски, по што адвокатите на обвинетите од СЈО се жалат на трет степен за изречените мерки притвор. По правило Врховен суд ги укинува.

Во Апелацискиот суд денеска беше разгледната жалбата на поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска обвинета во предметот „Тендери“, во кој таа и уште две лица се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување.

За ексминистерката и за второобвинетиот во предметот „Тендери“ се бара притвор, а за третообвинетиот само одземање на пасошот.

Канческа-Милевска ја бранат тројца адвокати – Сашо Дуковски, Еленко Миланов и Сања Алексиќ. Судиите кои ќе одлучуваат за жалбите се Лилјана Ивановска-Шопова, Јани Нича и Сафет Кадрии.

Адвокатот Сашо Дуковски рече дека жалбата на СЈО против решението за неопределување притвор е неоснована. Дуковски се повикуваше на пресуди на ЕСЧП во Стразбур.

Пред судиите рече дека висината на казната не може да е единствена околност за барање определување притвор.

Ексминистерката за култура е првоосомничена во случајот за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, со што буџетот, според СЈО, бил оштетен за речиси 54 милиони денари.

Обвинителот Гаврил Бубевски повтори дека СЈО бара притвор за Канческа-Милевска.

Апелација ќе донесе одлука во рок од 48 часа.

АКО.мк