Македонија тоне во енормно количество ѓубре, расфрлено и депонирано буквално насекаде. Ова е делот околу Визбегово. Дивите депонии се регистрирани од Инспекторатот за животна средина, на повик на совесни граѓани.

Но, од инспекторатот не кажуваат што ќе преземат, туку само кусо информираат дека излегле на терен по пријава, фотографирале и најавуваат дека трагаат по сторителите?! Дали ќе се преземат конкретни мерки за чистење, предупредување на околните жители и нивно казнување за да не се повтори ова, не кажуваат.

Ова е туристичкиот центар Попова Шапка, во лето. Снег нема , па се гледа целата човечка беда и некултура, и сета негрижа на локалната самоуправа.

Секој фрла каде ќе му текне и никој за тоа не одговара , ниту пак е санкциониран.

Подолу крај патот кон Тетово, пред неколку години уреденото излетничко место со корпи за отпадоци и клупи, е прекриено со смет, во срцето на планината:

Но, за оваа планина, не се само проблем ѓубрето и дивите депонии кои ги има буквално насекаде и во секое планинско село, туку и дивоградбите, сечењето на шумата и узурпацијата на јавен простор. По патот кон Шапка може да се забележат многу пробиени диви патеки за да поминуваат камионите со бесправно исечена шума, околчени и омеѓени големи пространства, на кои потоа никнуваат хациенди надвиснати над планината, како да паднале од небо. На еден од свиоците, некој си направил куќа, ја оградил и истакнал албанско знаме.

Викенд населбата на Попова Шапка е претворена во градилиште. Џамијата се гради бесправно. Куќите стануваат станбени згради, инфраструктурата пропаѓа…

Надлежните институции, почнувајќи од локалните самопуправи, градоначалниците, комуналните претпријатија, па сѐ до Македонија пат која е задолжена за чистењето на патиштата, односно покрај нив, не е доволно да се каже дека потфрлија, туку едноставно не знаат и не си ја вршат работата за која се одговорни. И никој не ги повикува на одговорност, туку без мува да ги лази, си ги тераат своите функционерски мандати. И не само тоа, туку ги ротираат од еден ресор во друг, од една институција во друга. Резултати со минусно салдо, негативни,  не се ниту на 0, на мртва точка, туку се штетни за државата, општеството и граѓаните.

Скопје како никогаш досега  е валкано и неисчистено.  Неодамна група волонтери, на иницијатива на Ирена Ристиќ, го исчистија ѓубрето кај Пошта 2, а камиончиња на општина Центар , ги собраа црните вреќи и никому ништо. Молк.

 

Си продолжија по старо. Негрижа и некултура насекаде.

Фотелја крај контејнер во Аеродром. Одложувањето на кабастиот отпад, проблем кој не се решава и не се санкционира.

Исто е покрај сите сообраќајници низ целата држава. Од околните села и населени места, буквално сѐ се исфрла покрај патиштата.

Глетките покрај патот од Скопје до Охрид, главниот автопат Табановце Гевгелија, да не зборуваме за регионалните патишта се срам за цела држава, за институциите, а најмногу за луѓето кои фрлаат и немаат основна култура на живеење.

Но, тие ја користат неспособноста и неефикасноста на заспаните градоначалници и на другите раководители во надлежните државни институции, кои повеќе сакаат да седат по кабинети и да се фотографираат насмеани со високите гости што им доаѓаат, отколку да ја исчистат државата од сметот, ѓубрето и дивите депонии. И да воспостават ред и поредок. Да ги спроведуваат законите што постојат. Да казнуваат за фрлање отпадоци на улица, да ги гонат одложувачите на смет кои создаваат диви депонии, да имаат редовни инспекциски контроли, да ги зајакнат капацитетите на сите нивоа и ова да биде принцип од кој нема отстапување. Систем кој функционира. И кој во иднина ќе им донесе доверба кај гласачите и гласови. Инаку-нема.

Исто така, освен Дрисла, Македонија практично нема ниту една регуларна депонија. Сите други се диви и ако тргнете било каде, еве на пример кон Крива Паланка, ќе видите дека целиот смет од градот и околината се фрла покрај патот во бездна, која сега е претворена во вештачка планина од ѓубре.

Тоа е релната и тажна слика на Република Македонија на полето на (не)хигиената.

Апсолутно алармантно и неприфатливо! Нешто што треба да се казни со граѓанска непослушност и масовни протести во иднина, доколку некој не седне и не сфати дека мора итно и квалитетно да се реши овој проблем.Вчера, а не утре.

Емилија Лазаревска