Јавна преписка на Тричковски и Героски кој треба ,,да олади“ и да оди по риба

АПЕЛОТ НА „ПОГРЕБНИКОТ“ НЕ СЕ ПРИФАЌА, одговори новинарот Бранко Героски на прозивката од страна на неговиот колега и колумнист во изданијата што ги уредува, Бранко Тричковски.

,,Бидејќи е тешко да се следи неверојатната продукција на Тричбук (јас мислам дека тоа е причината на синоќешниот колапс на Фејсбук), на Мактел кај Сале Мутави Политико ја прочитав пораката од Бранко Тричковски јас и Владе Милчин да сме ја „оставеле“ Македонија и да сме пошле на пиво, на риболов итн.

Признавам, понудата е заносна и еве, јас веќе се подготвувам овој викенд да заминам на скијање. Но, Македонија нема да ја оставам, се разбира. А не верувам дека и Владе ќе ја остави.

Апелот на Тричкоски е непристоен, бидејќи доаѓа од човек кој обу железни опинци за да ја умре и да ја погреба Македонија во идентитетска, во културолошка и во секаква друга смисла. Ако не се лажам, Тричко дури предлагаше да се идентификуваме како Северномакедонци.

За среќа, Договорот од Преспа, што Тричко сега жестоко го брани (како што брани секој потег на оваа власт, врпочем, дури и секоја скандалозна глупост) не ја погреба Македонија на начин како што предлагаа тој и неговото „погребално претпријатие“. Македонскиот идентитет сепак е сочуван, а со тоа и Македонија.

И бидејќи таа, нели, не нѐ остава нас, не можеме и ние неа да ја оставиме. И не сакаме. И нема.

Нека прости Тричко, ама ние не можеме да си дозволиме вакво корзирање со умот. Ќе одиме и на пиво и на риба и на скијање и секаде каде што ќе ни посака душата, ама ќе си ја носиме со себе и оваа несовршена и неумрена Македонија. Која не е Тричкова сопственост.

Ете затоа, со сета должна почит, од моја страна апелот на погребникот не се прифаќа!“-напиша Героски.

Претходно, Бранко Тричкоски ги прозва Владимир Милчин, и Героски, според неговата реакција, иако него не го спомнува со име и презиме.

Па Тричкоски под насловот ,,Ко то хистерише!?“- им порачува на двајцата да ја остават Македонија и да одат на риба и пиво.

,, Откако видоа дека по однос на националното прашање Преспанскиот договор наместо да ги предизвика драматичните однародувачки шокови што тие ги најавуваа, ја лансира нацијата во центарот на Европа, сега одбиваат да ја сфатат разликата со Македонците во грчкиот контекст на Договорот, демонстрираат интегрално македонство и ја палат јавноста со жарчиња врз кои самиот Договор од Преспа, Европа и целиот свет се помочаа за да отворат перспективи, за Македонија, за македонскиот јазик, за македонската нација, за мирот, стабилноста итн. Не е убаво вака, драги мои загрижењаци. Олабавете се малку, појдете на пиво или по риба или в театар, кулирајте, оставете ја Македонија, макар за момент, ослободена од вашето внимание и грижи“- им порача Тричковски.