Јаделе, пиеле на Средно Водно и ѓубрето го оставиле и расфрлале наоколу

…и си отишле дома, а сега некој ова ќе треба да го исчисти после нив!!!

Има ли некој свесен или храбар, или доволно способен во власта, централна и локална, што конечно ќе стави крај на ваквото однесување на голем број жители на Македонија?

Вака изгледаше Средно Водно, реагираат љубители на оваа планина, но и рекреативно место.

Фотографиите се преземени од ФБ профил на нашата оперска певица Весна Гиновска Илкова

Цела држава е претворена во депонија. Нема педа каде што поминал или живее човек да не е уништено, извалкано или покриено со енормни количини ѓубре.

Невоспитувањето и некултурата на голем дел од населението е застрашувачка.

Но, тоа е потхранувано секој ден од надлежните државни институции, почнувајќи од локалните самоуправи, градоначалници, па до врвот на пирамидата, централната власт.

Зошто? Затоа што мува не ги лази иако и самите гледаат дека се гушиме во ѓубре. Насекаде. По паркови, низ град , во центар, во населбите, планините, покрај патиштата, секаде!

Луѓето фрлаат каде ќе стасаат и никој не ги казнува! Никој! Неказнивоста го унишува ова општество во секоја негова пора. Владее безвластие, анархија.

Може да се кладиме дека и по две, три, 5 години, патот кон Охрид, ако тргнете од Скопје, ќе го најдете во иста состојба.

Со депонии на секој чекор, секое стојалиште, долина, ливада, на дрвјата, на Стража каде се тепаат луѓето да изедат мекица повеќе.

Секаде!

До кога?!

Емилија Лазаревска