Поранешниот градоначалник на Карпош , Стевчо Јакимовски, на поминување покрај новинарските екипи пред Основен суд Скопје 1, каде во придружба на Финансиска полиција беше донесен на распит, ги опцул новинарите.

,,Ма идете у ПМ“ се слуша тивко на снимката направена од порталот Макфакс:

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на Управата за финансиска полиција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица.

Осомничените се товарат дека ја злоупотребиле својата службена положба и овластување во три постапки за јавни набавки, при што двајца сториле кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување ” од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 во врска со чл.22 во врска со чл. 45, додека тројца од осомничените за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување ” од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 во врска со чл.45 од Кривичниот законик.

Надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје за осомничените поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост и тоа обврска на обвинетите повремено да се јавуваат на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, соопшти ОЈО.

Претходно, Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против лицата С.Ј. во својство на Градоначалник на Општина Карпош, М.Д. – Раководител на Сектор за Јавни набавки, Н.Н.- Помошник раководител на Сектор за финансиски прашања, С.М. – Раководител на Одделение за норматива во Правен Сектор и А.С. – Раководител на Одделение за сметководство, поради постоење на основи на сомнение дека сториле кривични дела “Злоупотреба на службената положба и овластување” казниво по член 353 ст. 5 в.в. ст. 1 в.в. со Продолжено кривично дело член 45 и в.в. со Соизвршителство член 22 од Кривичниот Законик на РМ, информираше официјално Финансиска полиција.