Јанева:СЈО гони криминална група која се наоѓа во врвот на власта

,,Судот треба да сфати дека СЈО не гони обичен криминал, туку ја гони криминалната група која се наоѓа во врвот на власта и затоа судот мора совесно, чесно и професионално да си ја извршува својата должност кога станува збор за случаите на Специјалното јавно обвинителство“-изјави Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која се пожали на работата на одредени судии, кои како што рече, редовно се наоѓаат на предметите кои ги поднесува СЈО, било да се работи за барање претрес или притвор. Јанева рече дека тие и ги посочиле нивните имиња во јавност затоа што очигледно е дека вршат свесна опструкција на работата на СЈО.

Специјалната обвинителка ова го изјави на презентацијата на истражувањето „Неосновано притворени – правни и буџетски последици, што се одржа во ЕУ-Инфоцентарот во Скопје каде беше поканета како гостинка.

– Ние ги образложуваме сите предлози за притвор, но како што знае јавноста, од одреден број на судии тие се одбиваат на ист начин иако ние ја следиме судската и европската практика, за тоа како треба да се бара притвор и други мерки за обезбедување на осомничени. Не сме задоволни од постапувањето на судот по нашите предмети. Кога ги поднесуваме барањата за претрес или притвор секој пат одредено лице, одреден судија одлучува по нашите барања – рече Јанева.

Специјалната јавна обвинителка нагласи дека на овој начин судијата „може да ја злоупотреби својата службена должност и овластување кога станува збор за висока корупција од страна на високи функционери од власта што ја истражува СЈО“.